You are here

Изјава на извршниот директор на УНФПА, д-р Наталија Канем Меѓународен ден на акушерките - 5 мај, 2021 година

 

Секој ден во секој дел од светот акушерките спасуваат животи на жени и бебиња и се борат за здравјето и благосостојбата на цели заедници.

Тие ја заслужуваат нашата почит и благодарност, но тоа не е доволно.

Акушерките заслужуваат поголеми инвестиции во нивните способности и работни места што целосно ги препознаваат нивните вештини и придонеси. На Меѓународниот ден на акушерките го чествуваме извонредниот придонес на акушерките во човештвото и ги истакнуваме клучните податоци и докази за зголемување на инвестициите во акушерството како основен елемент на здравствената заштита.

Најновото издание на извештајот за состојбата на акушерството во светот, што денеска го објавија Фондот за население на Обединетите анции – УНФПА, Светската здравствена организација и Меѓународната конфедерација на акушерки, потврдува дека ако го зголемиме бројот на акушерки и квалитетот на нивната грижа, до 2035 година ќе спасиме околу 4,3 милиони животи годишно. Универзалното покривање на интервенциите извршени од акушерки до 2035 година би го намалило бројот на смртните случаи кај мајките за 67 проценти.

Ваквите достигнувања зависат од подобрувањето на образованието и обуката на акушерките, заедно со сеопфатното регулирање и поддршка на работното место. Тие мора да имаат поголема улога во професионалното лидерство, управување и опсег за да го искористат своето уникатно искуство поттикнувајќи го унапредувањето на здравствените политики и испораката на услуги.

Акушерките често работат под вонредни околности. Понекогаш препешачуваат многу километри за да стигнат до жените или до отворениот простор во нивните домови за да им помогнат безбедно да се породат. За време на пандемијата со Ковид-19 тие се соочија со зголемен притисок и зголемена нееднаквост на нивните работни места. Честопати поради недостиг на заштитна опрема и со ограничен пристап до вакцини споредено со другите здравствени работници, акушерките ги изложуваат на ризик сопствените животи за да им помогнат на другите.

Таквата посветеност е непроценлив ресурс. Тоа ќе овозможи достигнување на амбициите за да ја постигнеме целта до 2030 година и да дојдеме до нула смртни случаи на мајки што можат да се спречат.

Имаме докази и знаеме што мора да се направи. Здравствените системи насекаде во светот треба да забележат и да преземат мерки, затоа што инвестирањето во обучени акушерки е еден од најсигурните начини за заштита на животот, здравјето и благосостојбата на сите нас.