You are here

Скопје, 21 септември - Експертска мисија за обезбедување техничка помош на Државниот завод за статистика (ДЗС) за унапредување на податоците за населението, вклучувајќи го и пописот, поддржана од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), се спроведе во Скопје во периодот од 17 до 21 септември, 2018 година.

Мисијата ја предводеше г. Вернер Хауг, меѓународен експерт за население и пописи на населението, а учествуваа и директорот на ДЗС г. Апостол Симовски, директорката на Канцеларијата на УНФПА г-ѓа Доина Болога и помошник-претставник на Канцеларијата на УНФПА во државата, г-ѓа Соња Таневска.

Целта на посетата на меѓународниот експерт беше информирање на релевантните претставници во државата и техничка поддршка со која се предвидува јакнење на националните капацитети за собирање на податоци за населението, анализа, дисеминација и користење во развојните политики.

Државниот завод за статистика и Фондот на Обединетите нации (УНФПА), во јули годинава, потпишаа Меморандумот за разбирање во чии рамки се предвидува мониторинг на напредокот во спроведувањето на националните политики и стратегии поврзани со социјалната инклузија и репродуктивното здравје на адолесцентите, жените и мажите во државата, како и други национални и меѓународни обврски што се во согласност со Партнерството за одржлив развој на ОН за периодот 2016-2020 што го потпишаа Владата и тимот на ОН во државата.