You are here

Њујорк, 12 ноември 2020 година - Бидејќи пандемијата на Ковид-19 продолжува да влијае врз здравјето и економиите на земјите низ целиот свет, владите, невладините организации, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор ја зголемуваат политичката, финансиската поддршка за програми што ги штитат здравјето и правата на жените и девојките во земјите во развој.

 

Пред една година светот се собра на историскиот Самит во Најроби на ICPD25, за да се заложи за ставање крај на мајчината смртност, неисполнетата потреба за контрацепција и родово-базираното насилство и штетните практики, како што се детските бракови и осакатувањето на женските гениталии до 2030 година. На тој самит повеќе од 8.000 делегати од 170 земји презедоа 1.250 финансиски и други обврски за поддршка на сексуалното и репродуктивното здравје и права.

 

Денес, УНФПА, агенцијата на Обединетите нации за сексуално и репродуктивно здравје, известува дека владите на донаторите веќе значително ги испорачуваат сумите што ги ветиле во Најроби. Некои дури и го надминуваат тоа што го ветија, демонстрирајќи ја својата постојана посветеност на правата на жените и девојките во моментот кога е најпотребно.

 

„Обврските преземени во Најроби сега се покритични од кога било досега. Не само што не доведе до слабеење на нашите амбиции, туку Ковид-19 уште повеќе го изостри нашиот фокус и решителност“, вели извршната директорка на УНФПА, д-р Наталија Канем. „Со задоволство гледам толку многу партнери од владите, од приватниот сектор и од граѓанското општество кои прават смели чекори за да ги поддржат нашите колективни напори и да ги исполнат своите ветувања пред жените и девојките. Сè додека се држиме заедно, ќе надвладееме“.

 

Граѓанското општество, приватниот сектор, академската заедница и другите чинители се собраа во име на визијата од невидени размери, ветувајќи над осум милијарди американски долари за постигнување нула смртност кај мајките, нула незадоволена потреба за планирање на семејството и нула родово-базирано насилство и штетни практики до 2030 година. Владите, исто така, најавија големи заложби, вклучително и:

 

  • 425 милиони GBP (приближно 552 милиони УСД) од Обединетото Кралство до УНФПА за зајакнување на снабдувањето со контрацептивни средства
  • Над 11 милијарди НОК (приближно 1,2 милијарди УСД) од Норвешка за сексуално и репродуктивно здравје и права во развој и хуманитарни услови помеѓу 2019 и 2025 година
  • 20 милиони евра (приближно 23 милиони УСД) од Германија за сексуално и репродуктивно здравје и права, проследено со 30 милиони евра (приближно 35 милиони УСД) за одговор на УНФПА на пандемијата Ковид-19
  • 29 милиони евра (приближно 34 милиони УСД) од ЕУ за адолесцентно сексуално и репродуктивно здравје и права
  • 100 милиони DKK (приближно 16 милиони УСД) од Данска до УНФПА за сексуално и репродуктивно здравје

 

Во септември 2020 година УНФПА воспостави Комисија на високо ниво да се осигура дека сите обврски преземени на Самитот остануваат на вистинскиот пат, дури и за време на пандемијата Ковид-19. Раководена од Јакаја Киквете, поранешен претседател на Обединетата Република Танзанија, и Мишаел Жан, поранешна генерална гувернерка на Канада, Комисијата ќе даде препораки за да продолжи динамиката од Најроби кон свет на права и избор за сите.

 

„Никогаш нема да го изгубиме од вид светот за кој се бориме – оној што ги поттикнува сексуалното и репродуктивно здравје и правата за сите“, заклучи д-р Канем.