You are here

Скопје/Приштина/Белград/Сараево – УНФПА работи на превенција на ракот на грлото на матката уште од 2014 година, преку голем број успешни интервенции во земјите од Западен Балкан – Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово (РСБОН 1244). Но, и понатаму се соочуваме со голем број предизвици – бројот на новите случаи на ракот на грлото на матката и смртните исходи од него е 10 пати повисок во Источна Европа и Централна Азија (ИЕЦА) одошто во Западна Европа, поради немање ефективни скрининг програми за ракот на грлото на матката, широко распространети вакцинациски програми за ХПВ, како и пристапни, високо квалитетни третмани против ракот на грлото на матката.

Регионот на Западен Балкан, исто така, стана и еден од партнерите на Алијансата покрената во октомври 2021 година како рамка за мултинационална, мултипартнерска соработка во елиминирањето на ракот на грлото на матката како јавноздравствен проблем, на иницијатива на УНФПА ИЕЦА.

Работиме заедно на застапување за подигање на свеста

Јануари е месец на освестеноста за ракот на грлото на матката. Секоја година се организираат информативни кампањи за подигање на свеста за превентабилните болести ширум регионот на Западен Балкан, со поддршка на УНФПА и неговите национални партнери.

Според Европскиот информативен систем (ЕЦИС), со стапка на застапеност на ракот на грлото на матката од 23,3 на 100.000 жители, жените во Србија се на 5-тото место во Европа. Секоја година се евидентираат околу 1.200 жени со ракот на грлото на матката. УНФПА, во соработка со националното Министерство за здравство и Институтот за јавно здравје, делуваше во пет града во Србија во текот на оваа година на одбележување на Неделата за освестување за ракот на грлото на матката. Се организираа средби со луѓето на улица, во трговските центри, и низ парковите на Белград, Косовска Митровица, Крагуевац, Ниш и Нови Сад, во намера да се досегне до што е можно повеќе граѓани, во обид директно да се повлијае врз девојките, жените, и целите заедници, за да ги слушнат, научат и пренесат информациите за важноста на едукацијата за овој високо превентабилен рак. Понатаму, заедно со Меѓународната федерација на здруженијата на студентите по медицина (ИФМСА Србија), се организираа и едукативни обуки за едукатори, студентите по медицина, и волонтерите на Црвениот крст, при што беа опфатени вкупно 200 младинци. Белград стана тиркизно зелен во знак на поддршка за подобро информирана и поздрава иднина за сите жени, а со тоа и за целото општество.

Ракот на грлото на матката е втората малигна болест и една од најголемите причини за смртност кај жените во Босна и Херцеговина. Иако целосно превентабилен, сепак, во просек по три жени неделно умираат од ракот на грлото на матката во оваа земја. Најголемиот проблем е еднаков пристап до редовни гинеколошки прегледи, ПАП-тестови, и тестови за хуманиот папилома вирус (ХПВ), како и немањето вакцинација против ХПВ. Заложбите на УНФПА за воведување на Програма за вакцинација против ХПВ се покажаа многу успешни во земјата, при што Министерот за здравство на Сараевскиот кантон, проф. д-р Харис Враниќ, во јануари најави нова Програма за вакцинација против ХПВ во кантонот, со поддршка на УНФПА. Беше нагласено дека Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Сараевскиот кантон ќе набават 1.000 вакцини за девојчиња на возраст од 11 години. Восхитува фактот што Сараевскиот кантон ја воведе оваа програма и покрај оптовареноста на здравствениот систем од пандемијата на КОВИД-19, и претставува добар пример за сите други во регионот. Освен тоа, активностите за застапување ќе продолжат и во текот на 2022 година со Министерството за здравство на Федерацијата на БиХ и Република Српска, во смисла на планирање на развојот на вакцинациската програма против ХПВ, повторно со поддршка од УНФПА.

Во Северна Македонија, во изминатите години се бележеа околу 150 нови случаи годишно, а 60-тина пациенти умираат секоја година од состојби поврзани со оваа болест. Во изминатата деценија се направија значајни инвестиции на полето на превенција, преку ХПВ скрининг и вакцинација. Процентот на девојчињата на 14-годишна возраст со примени две дози вакцина, со поддршка од државниот буџет (бесплатно), се движеше помеѓу 54-57% во годините пред пандемијата на КОВИД-19. Освен тоа, секоја година, државата одвојува буџет за да се покрие скринингот на ракот на грлото на матката кај жените од специфични возрасни групи, согласно однапред утврден скрининг план; но, искористеноста на овие услуги и понатаму е многу ниска. За време на овогодинешните активности за подигање на свеста за ракот на грлото на матката, УНФПА ги поддржа Министерството за здравство и Националната комисија за превенција на ракот на грлото на матката во нивните комуникациски активности за неодамна изработената веб-апликација – „skrining.mk“, преку која жените може онлајн да се пријават за скрининг програмата. Понатаму, беше спроведена и огромна национална и локална кампања за превенција на ракот на грлото на матката, која досегна до околу 250.000 луѓе на друштвените медиуми, вклучувајќи ги и локалните заедници со мобилните гинеколошки амбуланти поддржани од УНФПА. За само три месеци, се прегледаат над 650 жени од далечни и тешко достапни места.

Студијата спроведена на Косово (РСБОН 1244), покажува дека над 70% од цервикалните преканцерозни лезии можеле да се спречат со помош на национален скрининг за ракот на грлото на матката на база на ХПВ и вакцинацијата против ХПВ, што е јасен показател дека ова е клучното подрачје за интервенција. Со текот на годините, УНФПА силно се застапуваше за воведување на ХПВ вакцината во косовската национална програма за имунизација, што и официјални се случи во јануари. УНФПА, во соработка со Комитетот за здравство и социјална заштита и Советот за целите за одржлив развој (ЦОР), организираше тркалезна маса за застапување со пратениците, Министерството за здравство, општините кои спроведуваат скрининг програми за ракот на грлото на матката, НВО од здравствениот сектор, медиумите, и другите засегнати страни. Заменикот-министер за здравство, г-а Дафина Геџа, го најави воведувањето на вакцината против хуманиот папилома вирус (ХПВ) во официјалниот план за имунизација на Косово. Првиот контигент од 300 ХПВ вакцини е веќе набавен и набрзо ќе се употреби за имунизација на девојки на возраст од 12 до 26 години. Воедно, се составува и Националниот одбор за контрола на ракот којшто ќе се основа во блиска иднина. УНФПА, исто така, беше и силен партнер на НВО во текот на годините, заради застапување за воведување на програма за ракот на грлото на матката, со пилот проект во неколку општини во земјата.