You are here

Скопје, 21 ноември 2021 - Од 15 до 21 ноември се обележа „Неделата на грижа за стари лица“ во која мобилни тимови на Црвениот крст, со поддршка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во Северна Македонија, бесплатно доставуваа лекови, храна и други потребни средства во домовите на пензионерите. Мобилните тимови се составени од медицинска сестра и волонтер/ка, на старите лица им мереа и крвен притисок и гликемија. 

За една недела беа посетени 400 стари лица. Корисниците на услугите велат дека посетите на мобилните тимови се многу важни за нив и им помагаат во извршувањето на сeкојдневните обврски. Осум мобилни тимови вршеа бесплатна услуга за набавка и достава на храна, хигиена, лекови.  

Во рамки на одбележувањето на „Неделата за грижа на стaри лица“ се организираа и 20 информативни работилници со старите лица на кои тие се запознaa со нивните права од областа на социјалната и здравствената заштита,  а се одржаа и три обуки за негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост. Во обуката беа вклучени 30  долгорочно невработени ранливи лица кои беа обучени да даваат услуга за нега и помош на стари лица во домашни услови.

Одбележувањето на „Неделата на грижа за стари лица“ има за цел и да ја подигне јавната свест за потребата од зголемување на нивната интеграција во сите сфери на општествениот живот и потребата за обезбедување грижа и помош на старите лица. 

Се одбележува под слоганот „Сите сме нивни деца“.