Скопје, 5 октомври 2023 година – Остварување телесна автономија е од клучно значење за родовата еднаквост и за остварување на целосниот потенцијал на жените и на девојчињата во регионот, рекоа говорниците во своите воведни обраќања на настанот на високо ниво што го организира Фондот за население на Обединетите нации, УНФПА, заедно со сопругата на Претседателот на Северна Македонија и под покровителство на Претседателот.
„Телесната автономија е од суштинско значење и е основа за постигнување поеднакви, поинтегрирани и, на крајот, попросперитетни општества“, изјави г-а Диене Кеита, помошничка на генералниот секретар на ОН и заменик-извршна директорка на УНФПА.
„Телесната автономија е основно човеково право, но за многу жени и девојчиња од светот, таа останува недостижна“, рече г-а Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на Северна Македонија. „Заедно ќе работиме неуморно за да се осигуриме дека моќта на изборот ќе биде реалност за сите, без разлика на потеклото или на околностите“.
„Антиродовото движење носи многу предизвици (за остварување на телесната автономија за жени и девојчиња) и можеби нè учи дека промените треба да бидат засновани и на образованието, како и на правната рамка“, рече г-а Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика на Северна Македонија.
Правото на телесна автономија ги опфаќа и моќта и слободата да одлучуваме за нашите тела, вклучително и за сексуални и репродуктивни прашања, без страв од насилство или присила, како и пристап до услуги, информации и ресурси.
Ако на жените и на девојчињата им се негира нивното право на телесна автономија, помала е веројатноста дека ќе имаат контрола врз другите области од животот, какви што се образованието, вработувањето или политичкото учество.
Затоа, постигнувањето телесна автономија за жените и за девојчињата е клучно за забрзување на напредокот кон родовата еднаквост и за постигнување на Целите за одржлив развој, како и целите на Програмата за акција донесена во 1994 година на Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД).
Сепак, многу луѓе, особено жени и девојчиња, се соочуваат со ограничување на нивната телесна автономија. Последиците по нивното здравје, добросостојба и потенцијал во животот може да бидат катастрофални.
Меѓународната заедница го препозна овој предизвик и на Форумот за генерациска еднаквост (ГЕФ) организиран во 2021 година за одбележување на 25-годишнината од Пекиншката декларација и Платформата за акција, воспостави Акциска коалиција за телесна автономија и сексуално и репродуктивно здравје и права. Предводена од УНФПА, Северна Македонија и други партнери, Акциската коалиција се стреми кон поттикнување на поддршката за телесната автономија и универзалниот пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права да станат реалност за сите.
Конференцијата на високо ниво „Моќта на изборот: Остварување телесна автономија за жени и девојчиња“ се организира во рамките на Акциската коалиција за да понуди простор да се потсетиме на обврските преземени во регионот и да се развие регионална агенда за напредок во обезбедувањето телесна автономија и сексуално и репродуктивно здравје и права за жените.
Настанот, исто така, ќе придонесе и кон регионален преглед на напредокот што е постигнат во спроведувањето на Програмата на акцијата донесена на Меѓународната конференција за население и развој што ќе заврши со Регионална ИЦПД30 конференција за ревизија во Женева, на 19-20 октомври 2023 година.
На конференцијата присуствуваат приближно 100 креатори на политики, активисти од граѓанското општество, млади лидери, експерти и други засегнати страни за да го прослават она што е досега постигнато, да дискутираат за новите предизвици и да започнат со креирање стратегии и наративи со кои ќе ги обединат поборниците во унапредувањето на сексуалното и на репродуктивното здравје и права и телесната автономија, истовремено негувајќи регионални партнерства и соработка.
За повеќе информации, ве молиме обратете се до:
Јенс-Хаген Ешенбаехер, УНФПА Источна Европа и Централна Азија, eschenbaecher@unfpa.org, +905497483655
Ирена Спирковска, УНФПА Северна Македонија, spirkovska@unfpa.org, +38971321620