По избивањето на пандемијата на КОВИД-19, пристапот до услугите за сексуалното и репродуктивното здравје стана значително покомплициран и ограничен.
Ова во голема мера се должеше на фактот што националните здравствени системи главно се фокусираа на справување со проблемите предизвикани од коронавирусот.
Министерството за здравство, во рамките на Националната програма за рана детекција на малигните заболувања, од неодамна започна со изработка на онлајн платформа – skrining.mk, како дел од организираниот скрининг за ракот на грлото на матката, со поддршка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.
Секоја жена може да се пријави / да изрази интерес да направи бесплатен ПАП-тест, доколку тоа не го сторила во изминатите 3 години, и спаѓа во возрасната група определена за оваа година, имено од 36 до 45 години. Онлајн платформата се промовира на каналите на националните телевизии и друштвените медиуми.
Овој модул овозможува закажување термин за преглед кај матичен гинеколог и дава извештај за следење на напредокот од скринингот. Кога жената ќе изрази интерес, таа добива закажан термин за преглед кај својот матичен гинеколог.