Go Back Go Back
Go Back Go Back

Правата и достоинството на старите лица мора да бидат заштитени во екот на пандемијата со Ковид-19

Правата и достоинството на старите лица мора да бидат заштитени во екот на пандемијата со Ковид-19

Изјави

Правата и достоинството на старите лица мора да бидат заштитени во екот на пандемијата со Ковид-19

calendar_today 18 May 2020

Алана Армитаж - Директорка на Регионалната канцеларија на УНФПА, Фонд за население на Обединетите нации за Источна Европа и Југоисточна Азија. Фото: УНФПА

Од Алана Армитаж

Домовите за стари лица ширум Европа, од Шпанија до Србија, станаа жаришта на зараза со Ковид-19. Според Светската здравствена организација, жителите на установите за долготрајна грижа во Европа сочинуваат приближно половина од смртните случаи како резултат на пандемијата.

Помеѓу сите вознемирувачки статистики кои ни раскажуваат за тоа како вирусот уништува животи низ целиот свет, оваа бројка ми остана на срце. Осветлува една незамислива трагедија што се одвива пред нашите очи, но, сепак, привлекува изненадувачки мало внимание на јавноста.

Старите лица кои живеат во установи за грижа сочинуваат само мал дел од вкупното население – на пример во Германија едвај 1%, каде има највисок број на згрижувачки легла по глава на ниво на Европа. Ова оддава слика за тоа како жителите на домовите за стари лица се речиси гротескно претерано застапени меѓу смртните случаи предизвикани од вирусот.

Генерално, старите лица се многу погодени од пандемијата. Тие се изложени на зголемен ризик од сериозно заболување од Ковид-19, а околу 95% од смртните случаи се кај лица на возраст од 60 години и постари. Ова е една од причините зошто Европа, регион со најголем број на постари лица во светот, со толкав интензитет го чувствува влијанието на пандемијата во своите граници. Старите лица не се соочуваат само со здравствена криза: физичкото дистанцирање (погрешно наречено социјално дистанцирање) и мерките за спречување на вирусот, исто така, имаат непропорционално влијание врз нивниот живот и егзистенцијата, бидејќи многумина не се во можност да пристапат до услугите, поддршката и негувателите од кои секојдневно зависат.

Постарите лица кои живеат во домови за стари лица се често запоставени и спаѓаат во една од најранливите категории. Постојано слушаме застрашувачки приказни за тоа како некои луѓе умираат сами, без своите најблиски покрај себе и понекогаш со минимална грижа обезбедена во пренатрупаните и недоволно финансирани институции.

Трагедиите што се случуваат во домовите за стари лица во моментов се само еден показател, иако екстремен, за тоа како ние сѐ повеќе ги разочаруваме старите лица. Пандемијата уште повеќе го потенцираше овој неуспех, кој всушност не започна со Ковид-19. Како резултат на брзото стареење на населението во Европа - едно од четири лица има 60 години или повеќе - општествата се соочуваат со предизвици во создавањето услови за растечкиот број стари лица да напредуваат, притоа одржувајќи добра здравствена состојба и активен живот во своите заедници и во јавноста.

Наместо ова, голем број стари лица се запоставени, сиромашни, социјално исклучени и изолирани - сè она што во моментов е влошено поради пандемијата. Можеби уште полош е начинот на кој јавниот дискурс им укажува, повеќе или помалку суптилно и преку голем број културни индиции, дека поради нивната возраст тие претставуваат товар, се сѐ помалку вредни, па дури и неважни.

Се надевам дека оваа криза и застрашувачките ефекти што ги има врз постарите лица ќе стане пресвртница за тоа како ги гледаме и третираме постарите лица во општеството. Ние во УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, напорно работиме со нашите партнери во владата и граѓанското општество не само за да ги поддржуваме старите лица за време на пандемијата, туку, исто така, да овозможиме да се заштитат нивното достоинство и права во поширока смисла и тие да останат интегрирани и активни во своите заедници.

Голем број земји во моментов се обидуваат да изнајдат начин за кризата да се претвори во можност. Постојат четири клучни чекори што владите може да ги преземат за да може ова да се оствари, како на пример: 

  1. Заштитата на постарите лица да се приоретизира во рамките на процесот на справување со Ковид-19. Ова може да вклучува испраќање недвосмислени јавни пораки за поддршка за еднакви права и достоинство на старите лица и преземање смели мерки за да се докаже дека јавните заложби и услуги не се само „зборови“. Може да се направи многу за да се ублажат ефектите од кризата, како на пример: да се обезбеди континуитет на услугите, поддршка на лицата кои се грижат за старите лица, да се користат дигитални технологии за комуникација со лицата во изолација.
  2. Слушнете го гласот на старите лица. Во рамките на процесот на справување со оваа криза и развивањето политики за иднината, мора да ги слушнеме постарите лица. Соработката со претставниците на заедницата е од суштинско значење со цел да се избегне пристрасност и да се дојде до решенија кои одговараат на реалните потреби.
  3. Контрадискриминација на старите лица во јавниот дискурс и практика. Не смее да постои толеранција за распространетата дискриминација според возраста и негативните стереотипи што уште повеќе се засилија за време на оваа криза. Промовирањето контранаратив во центарот на меѓугенерациската солидарност и вредните придонеси на старите лица ќе биде клучно за менување на социјалните норми и ставови.
  4. Навратете се на правните и политичките рамки и буџети и разгледајте ги од перспектива на возраста. Сега е време да започнеме да размислуваме надвор од рамките на кризата и да видиме што треба да се промени во секторите како на пример: здравството, образованието, вработувањето и социјалната помош, за државите да се во подобра позиција во справувањето со ефектите од брзата демографска промена, истовремено обезбедувајќи ги правата и изборите на населението што старее.

Да бидеме јасни: смртта на толку многу стари лица за време на оваа криза не беше неизбежна. Тоа е директен резултат на нашиот неуспех - како општества, институции и култури - да им се даде еднаква важност и вредност на животот и благосостојбата на постарата генерација. Мора да учиме од грешките во минатото и сериозно да се нафатиме во создавање општество за сите возрасти во кое старите лица се признаени и се поддржани како важни столбови на општеството, какви што всушност и се: како наставници и ментори, старатели и волонтери, раскажувачи на приказни и креатори, пренесувачи на културата и борци за права кои понекогаш ги земаме здраво за готово. Во рамките на Европа, каде населението сѐ повеќе старее, ние едноставно не можеме да си дозволиме да исклучиме четвртина од населението со сите негови вештини, таленти и други придонеси. Овозможувањето постарите лица да се третираат со исти права и достоинство како и сите други не само што е морален императив туку е и победа за сите, како за старите така и за младите.

Алана Армитаж e директорка на Регионалната канцеларија на УНФПА, Фонд за население на Обединетите нации за Источна Европа и Југоисточна Азија