Go Back Go Back
Go Back Go Back

Речиси половина од сите бремености се несакани - глобална криза, се истакнува во новиот извештај на УНФПА

Речиси половина од сите бремености се несакани - глобална криза, се истакнува во новиот извештај на УНФПА

Вести

Речиси половина од сите бремености се несакани - глобална криза, се истакнува во новиот извештај на УНФПА

calendar_today 30 March 2022

Њујорк, 30 март 2022 година] —Секоја година низ целиот свет речиси половина од сите бремености, односно вкупно 121 милион жени се соочуваат со несакана бременост. За погодените жени и девојки, репродуктивниот избор кој најмногу го менува животот - дали да забременат или не – воопшто не претставува избор, се објаснува во извештајот за Состојбата на светското население за 2022 година, којшто денеска го објави УНФПА, Агенцијата за сексуално и репродуктивно здравје на Обединетите нации.

Револуционерниот извештај Seeing the Unseen: The case for action in the neglected crisis of unintended pregnancy („Да се види невидливото: Неопходноста од преземање дејствија за ставање крај на занемарената криза на несакани бремености“) предупредува дека оваа криза на човековите права предизвикува огромни последици за општествата, жените, девојките и глобалното здравје. Над 60% од несаканите бремености завршуваат со абортус и притоа се проценува дека 45% од сите абортуси се небезбедни, односно од 5 до 13% завршуваат со смрт на мајките, што има огромно влијание врз способноста на светот да ги достигне Целите за одржлив развој.

Војната во Украина, како и другите конфликти и кризи ширум светот се очекува да предизвикаат зголемување на бројот на несакани бремености, како резултат на целосно нарушениот пристап до контрацептивни средства и поради зголеменото присуство на сексуално насилство.

„Овој извештај претставува повик за будење. Големиот број несакани бремености претставува глобален неуспех во зачувувањето на основните човекови права на жените и девојките“, истакна извршната директорка на УНФПА, д-р Наталија Канем. „За погодените жени, репродуктивниот избор кој најмногу го менува животот - дали да забременат или не - воопшто не претставува избор. Со ставање на моќта за носење на ваквата најфундаментална одлука директно во рацете на жените и девојките, општествата ќе може да придонесат мајчинството да претставува стремеж, а не неизбежност“.

Клучни наоди: Родовата нееднаквост и застојот во развојот предизвикуваат високи стапки на несакана бременост

На глобално ниво, околу 257 милион жени кои сакаат да избегнат бременост не користат безбедни, современи контрацептивни методи, додека, пак, во оние земји за кои постојат достапни податоци, речиси четвртина од сите жени не можат да кажат „НЕ“ на сексот. Исто така, за несакана бременост придонесуваат и низа други клучни фактори, како што се:

  • Недостиг на соодветни здравствени услуги и информации за сексуалното и репродуктивното здравје;
  • Контрацептивни средства кои не одговараат на женските тела или околности;
  • Штетни норми и стигма околу жените кои ја контролираат сопствената плодност и телото;
  • Сексуално насилство и репродуктивна принуда;
  • Осудувачки ставови или наметнување срам при користење здравствени услуги;
  • Сиромаштија и застој во економскиот развој;
  • Родова нееднаквост.

Сите овие фактори го одразуваат притисокот што општествата го вршат врз жените и девојките за да станат мајки. Несаканата бременост не претставува личен неуспех и може да се должи на недостигот на општествена автономност или на вредноста што им се дава на животот на жените.

Во случај на криза, бројот на несакани бремености се зголемува

Кризата и конфликтот им ја одземаат моќта на дејствување на жените на сите нивоа, драстично зголемувајќи го ризикот од несакана бременост во моментот кога условите се најнепогодни. Жените често го губат пристапот до контрацептивни средства и притоа се зголемува и сексуалното насилство, при што некои студии покажуваат дека над 20% од жените и девојките бегалци ќе се соочат со сексуално насилство. До 2025 година, во Авганистан се очекува војната и нарушувањата на здравствените системи да доведат до околу 4,8 милиони случаи на несакани бремености, што ќе ја загрози целокупната стабилност, мирот и закрепнувањето на земјата.

„Доколку имате само 15 минути за да го напуштите вашиот дом, што би понеле со себе? Дали тоа би бил пасошот или, пак, храна? Дали би се сетиле на вашата контрацепција? - истакна извршната директорка на УНФПА, д-р Наталија Канем. „Во деновите, седмиците и месеците по почетокот на кризата, услугите за сексуално и репродуктивно здравје и заштита спасуваат животи, ги штитат жените и девојките од штета и спречуваат несакана бременост. Тие се од витална важност исто како што се храната, водата и засолништето“.

Одговорност да се дејствува

Извештајот покажува колку лесно, во време на мир и среде војна, најфундаменталните права на жените и девојките се занемаруваат и оставаат за подоцна. Извештајот ги повикува носителите на одлуки и здравствените системи да ѝ дадат посебен приоритет на превенцијата од несакана бременост преку подобрување на пристапноста, прифатливоста, квалитетот и разновидноста на контрацептивни средства, како и преку значително проширување на обезбедувањето квалитетни здравствени услуги и информации за сексуалното и репродуктивното здравје.

Целта на извештајот е креаторите на политиките, лидерите на заедницата и сите поединци да ги охрабрат жените и девојките да носат афирмативни одлуки во однос на сексуалните односи, контрацептивните средства и мајчинството, како и да ги поттикнат општествата да ја препознаваат целокупната вредност на жените и девојките. Доколку успеат да го направат ова, жените и девојките ќе можат целосно да придонесат за општеството и притоа ќе поседуваат соодветни алатки, информации и моќ да го направат овој фундаментален избор за себе - да имаат или да немаат деца.

Забелешки наменети за уредниците

Извештајот за Состојбата на светското население претставува годишна водечка публикација на УНФПА којшто се објавува секоја година уште од 1978 година, притоа истакнувајќи ги новите прашања во областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права, внесувајќи ги во мејнстримот и истражувајќи ги предизвиците и можностите кои придонесуваат за меѓународен развој.

Анализата на овој извештај се базира на новите податоци објавени на 24 март од страна на нашиот партнер - Институтот Гутмахер“ (Guttmacher Institute).

Како Агенција за сексуално и репродуктивно здравје на Обединетите нации, УНФПА им помага на луѓето да добијат соодветни здравствени услуги и информации за контрацептивните средства и репродуктивното здравје кои спасуваат живот и притоа ги зајакнува жените и девојките да може да донесуваат информирани одлуки за своите тела и животи.

  • Извештајот на УНФПА за Состојбата на светското население Seeing the Unseen: The case for action in the neglected crisis of unintended pregnancy („Да се види невидливото: Неопходноста од преземање дејствија за ставање крај на занемарената криза на несакани бремености“),  е достапен овде: www.unfpa.org/swp2022;
  • За повеќе информации за УНФПА, посетете ја следната веб-страница: www.unfpa.org;
  • За интервјуа или повеќе информации, ве молиме контактирајте ги следните лица:
  • Еди Рајт (Eddie Wright): ewright@unfpa.org, +1 917 831 2074;
  • Зина Алам (Zina Alam): zialam@unfpa.org, +1 929 378 9431.

 

Пет клучни факти од Извештајот за состојбата на светското население во 2022 година:

1. Секоја година речиси половина од сите бремености се несакани.

  • Помеѓу 2015 и 2019 година, секоја година на глобално ниво имало приближно 121 милион случаи на несакани бремености.

2. На глобално ниво, околу 257 милион жени кои сакаат да избегнат бременост не користат безбедни, современи контрацептивни методи.

  • Во 47 земји, околу 40% од сексуално активните жени не користеле никакви контрацептивни методи за да избегнат бременост.

3. Речиси една четвртина од сите жени не можат да кажат „НЕ“ на сексот (за земји каде што се достапни податоци).

  • Употребата на контрацептивни средства е за 53% помала кај жените кои доживеале насилство од својот интимен партнер.
  • Студиите покажуваат дека постои еднаква или поголема веројатност да се случи бременост од силување отколку бременост од консензуален секс.

4. Над 60% од несаканите бремености и речиси 30% од сите бремености завршуваат со абортус.

  • 45% од сите абортуси извршени на глобално ниво се небезбедни.
  • Небезбедните абортуси резултираат со хоспитализација на околу 7 милион жени годишно на глобално ниво и притоа, од 5 до 13% од случаите завршуваат со смрт на мајките, што е една од водечките причини за смртност на мајките.
  • Во земјите во развој, небезбедните абортуси чинат околу 553 милиони американски долари годишно и тоа само за трошоците наменети за лекување.

5. Во хуманитарни кризи, како што е тековната војна во Украина, голем број жени губат пристап до контрацептивни средства и/или доживуваат сексуално насилство.

  • Според одредени студии, над 20% од жените и девојките бегалци ќе се соочат со сексуално насилство.
  • Во Авганистан, до 2025 година ќе се случат околу 4,8 милиони несакани бремености како резултат на нарушувањата во здравствениот систем и родовата нееднаквост.
  • Се проценува дека во првите 12 месеци од пандемијата со Ковид-19 се нарушени резервите и услугите за контрацептивни средства во времетраење од 3,6 месеци, што доведе до дури 1,4 милион случаи на несакани бремености.

 

Поврзана содржина