You are here

Изјава на извршниот директор на УНФПА, д-р Бабатунде Осотимехин, За Меѓународниот ден на елиминацијата на насилството врз жените 25 ноември 2015 година

Една од три жени во светот доживеала физичко или сексуално насилство, најчесто од страна на интимниот партнер.

Во повеќето земји, помалку од четири на 10 жртви од таквото насилство бараат помош.

Насилството врз жените и девојките опфаќа семејно и сексуално насилство, трговија со луѓе и штетни практики, како што се присилниот малолетнички брак, чедоморството поради полот и гениталното осакатување на жените.

Во светот, над 140 милиони девојки и жени доживеале некаков облик на сакатење на гениталиите. Во земјите во развој, една од секои три девојки е во брак пред да наполни 18 години, а една од девет пред да наполни 15 години. 

Насилството ги лишува жените и девојките од човековите права на здравство, образование и учество во работата на заедниците и државите. Здравствените ефекти од насилството се огромни, почнувајќи од присилна бременост, преку небезбедни и принудни абортуси, па сè до доживотни физички повреди и траума. А жртвите често водат живот во сенката на стравот и жигосаноста.

Меѓународната заедница ќе започне 15-годишно патување кон правичен, инклузивен и одржлив развој. Со цел новите цели за одржлив развој на Обединетите нации да имаат значајно, позитивно влијание, мора да се преземат активности за прекинување на кругот на насилството врз жените, со кој на милиони жени и девојки им се негираат основните човекови права и можноста да придонесат кон општествено-економскиот напредок на своите нации.

Ставањето крај на насилството врз жените треба да биде приоритет за секое човечко суштество. Ова не е само прашање на жените; тоа нè засега сите нас. Сè додека достоинството и благосостојбата на половина од човештвото се во опасност, мирот, безбедноста и одржливиот развој ќе останат надвор од дофатот.

УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, работи на превенција и одговор на родовото насилство во 135 земји, а 43 од нив се земји погодени од криза, која ја влошува ранливоста на жените и девојките. 

По повод Меѓународниот ден на елиминација на насилството врз жените, УНФПА ја обновува својата заложба за заштита на здравјето и правата на жените и девојките.

Во соработка со ОН и со другите партнери, изработивме глобални стандарди за основни услуги спрема жените и девојките подложени на насилство, како и сеопфатни технички упатства, со цел да им помогнеме на земјите да ги применуваат.

Продолжуваме да работиме со мажите, момчињата и лидерите на заедниците во земјите од светот за да се променат дискриминаторските ставови и општествените норми што овозможуваат опстојување на ваквата злоупотреба.

УНФПА презема мерки за спречување и одговор на насилството врз жените и девојките, пред, за време и по конфликти, во време на мир, и како составен дел на ефективната хуманитарна акција.

Следниот месец, на светската средба организирана од УНФПА и УН Вомен во Истанбул, меѓународната заедница ќе го разгледува напредокот во изминатите две децении со цел да го исцрта патот за во иднина.

Со новите глобални цели, имаме заедничка одговорност да ставиме крај на насилството врз жените и девојките, а рокот за постигнување на оваа цел е 2030 година. Треба да направиме повеќе, сите ние, и да не изоставиме никого.

Секоја жена и девојка има право да живее слободна од дискриминација и родово насилство.

Ова претставува императив, не само за достоинството, човековите права и благосостојбата на жените и девојките, туку и за нашата општа хуманост и нашата заедничка иднина.