Go Back Go Back
Go Back Go Back

Создавање свет во кој девојките ги остваруваат своите соништа

Создавање свет во кој девојките ги остваруваат своите соништа

Вести

Создавање свет во кој девојките ги остваруваат своите соништа

calendar_today 08 October 2020

Ѓулсефа е 16-годишна девојка од Северна Македонија. Фото: УНФПА Северна Македонија

ИСТАНБУЛ, Турција На 13-годишна возраст Сесили сè уште има различни идеи за тоа што може да ја очекува во иднина. Нејзин омилен предмет во училиште е физика и вели дека како потенцијални кариерни перспективи ја интересираат ентериерот и модниот дизајн, како и детската психологија.

Но, едно нешто е сигурно.

„Секако ќе го завршам моето образование“, вели деветтоодделенката од Тбилиси, Грузија. Таа сака и да се омажи и да има дечиња, но нема намера тоа да го стори во блиска иднина.

„Најверојатно ќе се омажам во триесеттите“, вели Сесили. „Затоа што претходно сакам да го прошетам светот, да станам образована личност, па дури и да се забавувам“.

Девојчињата како Сесили може да ги остварат своите соништа кога ја уживаат истата поддршка, можности и права како и момчињата. Но, сепак, голем дел од нив се соочуваат со пречки како последица на полот.

Розита, 16-годишна Ромка од Тирана, Албанија, мораше да го напушти училиштето во шесто одделение. „Мајка ми е болна и не може да се грижи за семејството, па затоа јас ја чувам куќата и им помагам на моите браќа кога ќе се вратат од училиште“, вели таа. „Би била среќна доколку повторно се запишам во училиште, но мислам дека нема да има многу можности што ќе ми дозволат да се вратам. Не сакам да се омажам млада како мојата најстара сестра, сакам да станам ‘некој’ во животот“.

Ограничениот пристап до образование и вработување, детските бракови и бременоста во адолецентниот период, сиромаштијата и социјалната исклученост, зголемената ранливост поради хуманитарни итни случаи, како и дискриминаторските општествени и културни норми и законите и практиките што ги поддржуваат истите се дел од пречките што ги оневозможуваат девојчињата да го достигнат својот целосен потенцијал.

Заштита на здравјето и правата на девојките

 

УНФПА работи на заштита на здравјето и правата на девојките преку овозможување пристап до совети, информации и услуги во врска со сексуалното и репродуктивно здравје, сеопфатно сексуално образование и преку поттикнување на девојчињата и нивно учество во донесувањето одлуки што имаат најголемо влијание врз нив. Со цел унапредување на родовата еднаквост и за да го охрабри напуштањето на штетните практики и стереотипи, УНФПА, исто така, работи и со момчиња и мажи.

Со цел да се признаат правата на девојчињата и поединечните предизвици со кои тие се соочуваат, Генералното собрание на Обединетите нации во 2011 година донесе резолуција со која 11 октомври беше прогласен за Меѓународен ден на девојчињата. Оваа година Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија го одбележа овој датум со повторна средба со девојките од регионот, кои пред четири години, како 10-годишни девојчиња, учествуваа во објавувањето на извештајот за Состојбата за светското население за 2016 година.

Кога Акак имала 10 години таа веќе била свесна за нееднаквите родови улоги во нејзиното семејство во Киргистан. „Мојот брат секогаш игра надвор, додека, пак, јас останувам дома и мијам садови“, истакна таа во 2016 година. Како што станувале тинејџерки, овие девојки сѐ повеќе и пожестоко го чувствувале притисокот од родовата дискриминација.

„Порано мислев дека на девојчињата им е полесно да ги остварат своите соништа, но сега моето мислење се смени“, вели Оља, 15-годишна деветтоодделенка од Украина. „Сметам дека на жените им е потешко, поради сексизмот и начинот на кој голем дел од мажите се мешаат во нивните животи“.

Во текот на изминатите четири години животот на Оља се промени во многу аспекти. Поради повеќегодишниот вооружен конфликт во Источна Украина, таа и нејзините родители морале да го напуштат родниот град Доњецк. Тие сега живеат во безбедна област, контролирана од владата, каде што таа може да оди на училиште и да ја планира својата иднина. Оља сака историја, шминка и да поминува време со својата група блиски пријатели, а кога ќе порасне, сака да стане адвокат. Таа во одреден момент би сакала и да се омажи и да има семејство, но се грижи за одгледувањето деца доколку конфликтот продолжи.

Ѓулсефа, 16-годишна девојка припадничка на Ромската заедница во Северна Македонија, се чувствува многу посигурна во идната улога на мајка. „Кога бев малечка, сакав да имам едно дете“, вели таа. „Сега, како што стареам, сакам да имам повеќе деца - пет, па дури и шест“.

Бракот и мајчинството, сепак, ќе почекаат додека таа да го заврши своето образование. Ѓулсефа вели дека планира да учи до 24 или 25-годишна возраст. „Би сакала да бидам шминкерка, медицинска сестра, наставничка - од сè по малку“, вели таа. „Мојот сон е да живеам во свет без глад, без жедни или боси деца, свет полн со љубов, мир и почит меѓу луѓето“.

Кога девојчињата растат во средини каде што нивните семејства и заедници ги третираат на начин што им овозможува да го достигнат својот потенцијал, тогаш се развиваат и општествата околу нив. Соништата на девојчињата не се однесуваат само на нив - Ѓулсефа сака да види свет во кој луѓето или животните не се подложни на малтретирање и свет во кој нема да има војни. И Ванеса, 14-годишна осмоодделенка од Орхеј, Молдавија, исто така е загрижена за „здравјето“ на Земјата.

„Мојот најголем сон е нашата планета да престане да биде толку загадена и луѓето да почнат поодговорно да се однесуваат кон околината“, вели Ванеса, која ја сака уметноста и сака тоа да биде нејзина кариера. „Секоја промена почнува од нас самите, па затоа би сакала да иницирам и да учествувам во кампањи за заштита на животната средина“.

Нееднакви можности

 

Но, нееднаквостите - меѓу момчињата и девојчињата и меѓу девојчињата кои живееат во различни околности - остануваат пречка како за поединечните девојки да ги реализираат своите амбиции, така и за земјите во регионот да ја зајакнат својата флексибилност пред брзите демографски промени.

Азизе, 14-годишна девојка која живее во Алпу, Турција, заедно со своето семејство работи по полињата како сезонски земјоделски работник: бере домати, цвекло и други култури. Таа, исто така, помага и во грижата за нејзините помлади браќа и сестри, но сепак успева да оди на училиште - или барем го правела тоа пред почетокот на пандемијата со Ковид-19 поради што се наметна потребата часовите да се одвиваат преку интернет. Тоа дополнително ѝ го отежнало пристапот до образование на Азизе.

„Кога ќе пораснам, сакам да завршам факултет и да имам добра работа во градот - како наставничка, адвокатка, полицајка, или можеби докторка“, вели таа. „Јас секогаш работев напорно на моите часови, но немам ниту интернет, ниту компјутер или паметен телефон, така што, во моментов, не можам да се вклучам на часовите“.

Иако образованието е клучно за иднината на девојчињата, училиштето може, исто така, да биде и едно од местата каде што тие се соочуваат со дискриминација.

Животот е потежок за девојчињата отколку за момчињата. Наставниците очекуваат девојчињата да седат мирни, додека, пак, момчињата може да бидат бучни и лошо да се однесуваат“, вели Тика, 15-годишна десеттоодделенка од Сагареџо, Грузија. „А постојат и стереотипи што ги спречуваат жените да вршат одредени работи“.

Дополнително на редовното образование, Тика веќе има доста „густ“ распоред, поради приватните часови по математика, руски и англиски јазик. („Исто така одев и на часови по танц, но се откажав, бидејќи немав доволно време“, вели таа.) Откако ќе го заврши своето образование, таа планира да патува низ светот и потоа да се омажи „малку подоцна, откако веќе ќе имам добра работа, ќе имам изградено кариера и ќе живеам убав живот “- можеби како новинарка, како нејзината тетка.

„Можам да се замислам на терен, како известувам од местото на настанот“, вели Тика.

„За да ги реализирам своите соништа, пред сè, ми треба верба и надеж, како и родителската помош и поддршка и, секако, учење“, додава таа. „Добро е девојчињата да продолжат да се борат за своите цели и да ги кршат стереотипите што постојат во општеството“.