You are here

Фокусот на стапките на наталитетот не е најсуштински, пишува Алана Армитаж на денешниот Светски ден на населението. Она што е важно е градење на држави каде што луѓето сакаат да останат, живеат и да основаат семејства.

 

Пандемијата на Ковид-19 можеби го забрза, барем привремено, глобалниот тренд на пониски стапки на фертилитет. Статистичките податоци од крајот на 2020 година – девет месеци по појавата на првите целосни рестрикции на движењата – покажуваат нагло опаѓање на бројот на раѓања во многу европски земји.

Вестите за намалувањето на бројот на бебиња за време на Ковид-19 предизвикаа загриженост кај некои држави. Пандемијата – и нејзиното влијание на репродуктивните избори на луѓето – се случи во момент кога стапките на фертилитет веќе беа многу ниски насекаде во Европа. Во Источна Европа масовната миграција само го зголеми проблемот: луѓето не само што имаат помалку деца, туку тие масовно ги напуштаат сопствените држави за да пронајдат подобри можности на друго место. Како резултат на тоа, населението се намалува. Од деведесеттите години на минатиот век наваму, Бугарија или Летонија, да наведеме само два примера, изгубиле една четвртина од нивното население.

Ние не знаеме дали стапките на наталитетот ќе се зголемат по завршувањето на пандемијата. Историски гледано, најголемите кризи секогаш предизвикувале намалување на стапките на фертилитет, но генерално, по завршување на кризите, следувало нивно зголемување. Податоците собрани од Томас Соботка, водечки демограф, покажуваат дека стапките на наталитетот во Европа навистина покажуваат знаци на подобрување во последните неколку месеци. Дали овој тренд ќе  продолжи и понатаму, ќе зависи од тоа колку трајни ќе бидат социјалните и економските влијанија на пандемијата.

Сепак, фокусот на стапката на наталитетот ја пропушта пошироката поента. Наместо да се грижиме за зголемувањата и намалувањата на бројките на населението, време е да признаеме дека ниските стапки на фертилитет најверојатно ќе продолжат. И време е да се зафатиме со она што треба да се направи за да ги подготвиме нашите економии и општества за оваа неизбежна демографска иднина.

Ова не е лесна промена. Општo прифатено размислување е дека високи стапки на наталитет и раст на населението се посакувани за државите и тие се знаци на национално богатство и моќ. Ние сме навикнати да размислуваме во овие рамки и категории. И точно е дека економиите можат навистина да се намалат, во апсолутна смисла, кога ќе се намали населението.

Но ова не значи дека луѓето ќе станат посиромашни. Просперитетот по човек може многу да се зголеми како што се намалува работната сила, платите најверојатно ќе се зголемат, а зголемената автоматизација ја крева продуктивноста. Помалку население е добро за планетата, затоа што помалку луѓе значи и помала потрошувачка, помал притисок на оскудните ресурси и помалку загадување.

Транзицијата од раст на населението кон опаѓање на населението е полна со предизвици, тоа можат да го потврдат многу држави, особено во Источна Европа. Општествата забрзано стареат, има сè помалку работоспособни луѓе коишто треба да се грижат за постојано растечки број на постари луѓе, а руралните области се соочуваат со депопулација затоа што луѓето се селат во поголеми градови или во странство за да пронајдат подобри можности. Општествените системи се под притисок и скапо е да се одржуваат инфраструктура и услуги во ретко населени региони.

Но можеме да се справиме со овие предизвици. Тие не само што отвораат можности за иновација туку можат да ги катапултираат државите кон попросперитетна иднина. Места како Клуј во Романија или Белград во Србија се појавија како важни центри за ИТ-индустријата, коишто привлекуваат таленти од земјата и од странство. Насекаде во Источна Европа мигрантите се вратија дома поради пандемијата, заедно со вредни вештини, знаења и мрежи на контакти. Владите експериментираат со начините како да се искористи клучниот придонес што можат да го дадат постарите луѓе и како тие подобро да се интегрираат во економијата и општеството. И да се отворат пазарите на трудот и јавниот живот во поширока смисла – кон жените, малцинствата и другите маргинализирани групи – искористувајќи досега недоволно искористени ресурси. Дури се зборува и за имиграција – табу тема во поголем дел од Источна Европа веќе подолго време. Сето ова придонесува државите да можат подобро да се справат со демографските предизвици.

Дали ова значи дека стапките на наталитет не се воопшто важни? Не баш. Тие се важни затоа што тие ни раскажуваат приказна за одбиени репродуктивни права. Луѓето во Европа генерално велат дека сакаат да имаат две деца, но многумина завршуваат со едно дете или без деца. Овој јаз помеѓу посакуваниот и актуелнниот фертилитет е она на што треба да се фокусираат владите – не на намерата да ги зголемат бројките на населението, туку да им помогнат на луѓето да ги остварат нивните репродуктивни права за да можат да имаат толку деца колку што посакуваат. 

За ова е потребно да се отстранат многу пречки со коишто се соочуваат луѓето кога основаат семејство: економска нестабилност, високи цени на недвижнини, сè помали стапки на фертилитет, недостиг на достапни детски градинки и очекувањето жените да прават компромис во однос на нивните кариери и да го носат товарот за грижа за децата.

Напредокот во создавањето општества коишто се повеќе пријателски ориентирани кон семејствата со повеќе еднакви можности за жените и мажите можат да доведат до повисоки стапки на наталитет, затоа што луѓето ќе се чувствуваат посамоуверено во однос на основањето семејство и бројот на деца што го посакуваат. Но ова не е загарантирано, како што покажува примерот со Скандинавија, којашто е ориентирана кон семејството, но каде се намалуваат стапките на наталитет. Ниту, пак, тоа треба да биде причината за креирање политики коишто се насочени кон семејствата. Мерките коишто се потребни за луѓето да можат да имаат толку деца колку што посакуваат треба да имаат вредност сами по себе, да ја подобруваат благосостојбата на луѓето и во голем степен да го надградуваат потенцијалот за развој на државите.

Во УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, ја разбираме важноста на демографските промени во формирањето на иднината на државите. Ние ги поддржуваме државите во зајакнувањето на нивната демографска флексибилност и во максималното искористување на можностите што ги имаат.

Колку поскоро признаеме дека решението за демографските маки на Европа не лежи во зголемувањето на стапките на наталитет, толку поскоро ќе можеме да се фокусираме на она што е вистински значајно при решавањето на перципираната криза со населението на континентот: нашата способност да создадеме држави каде што луѓето сакаат да останат, живеат и да основаат семејства.

Алана Армитаж е директорка на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија