You are here

Родово одговорните семејни политики во голема мера ги отстрануваат бариерите кои ги онвозможуваат жените и мажите истовремено да имаат кариера и посакуван број на деца. Овие политики одат во прилог на земјите и нивната позиција за справување со демографските промени а се клучни и во промовирање на родовата еднаквост и демографската отпорност.

 

На оваа тема се одржа конференција на високо ниво во Истанбул на 22 септември, организирана од УНФПА Источна Европа и Централна Азија. На конференцијата се здружија околу 100 претставници на агенциите на ООН, членови на влади и парламенти на држави од Источна Европа и Централна Азија, универзитети, приватни компании, експерти и други.  

 

На оваа конференција како еден од презентерите учествуваше и Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика која истакна дека „родовата еднаквост е еден од клучните принципи на Влада на Република Северна Македонија. Креирањето на родово одговорни политики и буџети, како и политики за усогласување на семејните и професионалните обврски се наш приоритет“.

 

УНФПА конференција за родово одговорни семејни политики во Истанбул  Фотографија: УНФПА EECARO

 

Ширум Европа од жените сè уште се очекува да преземат голем дел од неплатената нега и работа во домаќинството. Со ова на жените им се отежнува вработувањето и основањето семејство. Најчесто, тие  сè уште треба да бираат помеѓу кариерата и раѓањето деца. Некои жени никогаш не се вклучуваат на пазарот на трудот или пак, се откажуваат кога имаат деца. Во Источна Европа, уделот на жените на пазарот на трудот е особено низок, генерално под 50 проценти. На оние што влегуваат и остануваат на пазарот на трудот честопати им е тешко доколку сакаат да основаат семејство  и најчесто имаат помалку деца отколку што би сакале или воопшто немаат.

 

„Примерите од другите земји, воведени и применети со поддршка од УНФПА се голема инспирација. Северна Македонија има многу да понуди и да научи, и затоа со нетрпение очекуваме да ги споделуваме нашите искуства и да ги здружиме напорите со другите земји во регионот, “ истакна министерката Тренчевска.