Скопје, 25 ноември 2021 - „Не молчи, не трај, стави крај“ е годинешното мото со кое Северна Македонија се приклучи кон глобалната кампања „Обој го светот во портокалово за крај на насилството врз жени и девојчиња, сега“.
Од 25 ноември-Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жени и девојчиња се до 10 декември-Меѓународниот ден на човекови права се одржаа голем број настани, презентации, тренинзи, филмски фестивали и панел дискусии. Традиционално и оваа година, семејството на Обединетите нации, Европската унија и Мисијата на ОБСЕ ги здружија силите за 16 дена активизам против родово-базирано насилство, кампања која има за цел ставање крај на насилството врз жените и девојчињата .
На централниот настан, постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија Росана Дуџак посочи дека насилството може да се спречи.
„Насилството врз жените и девојчињата не е неизбежно. Може да се сопре. Очигледно е дека е остварен напредок, глобално и локално. Тоа не може да се порекне. Но, едноставно, тоа не е доволно. Нема да биде доволно сѐ додека секоја жена и девојче не се чувствуваат целосно безбедни и добредојдени во својот дом, училиште, работно место, онлајн или секаде.“, рече постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџак.
ЕУ амбасадорот Дејвид Гир истакна дека анкетата (на ОБСЕ) од 2019 година, покажа дека секоја втора жена во Северна Македонија има искусено психолошко насилство од страна на својот партнер. Секоја трета била предмет на сексуално вознемирување, а 14% имаат искусено физичко или сексуално насилство-од партнерите или од други лица.
„За жал, кога станува збор за родово базираното насилство и за фемицидoт, Северна Македонија не е исклучок од негативните светски трендови“, рече сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска. „Повеќето случаи на фемицид се случуваат токму на местото, кое треба да биде најбезбедно засолниште за жените, а повеќето од сторителите се сегашен, или поранешен партнер на жртвата“, подвлече таа.
„Премногу долго, молчењето и стигматизацијата овозможуваат насилството врз жените и девојчињата да продолжи“ истакна амбасадорот Клеменс Која. Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје додаде дека никој не смее да биде рамнодушен за ваквите кривични дела. „Мора на жртвите да им ја пружиме потребната поддршка за да се чувствуваат безбедни да пријават такви дела и да закрепнат од нивните трауматски искуства“, рече амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која.
Македонските поп ѕвезди Тамара Тодевска, Дани Димитровска, Антонија Гиговска, Светлана Јовановска, Џон Илија Апелгрин, Лука Ѓоргиевски (Фанк Шуи) и Бранко Николов (Фолтин) заедно со публиката ја отпеаја песната „Очи црни“, препеана од Диме Поповски и Васиа Поповка а во аранжман на Џијан Емин. Преку неа беше испратен силен повик за обединување на сите гласови и порака до сите мажи и жени да излезат, да побараат и силно да кажат - не молчи, не трај, СТАВИ КРАЈ.
Ставањето крај на родово базираното насилство е една од трите глобални цели на Фондот за население на ОН на УНФПА.
„Со силната посветеност на државата, Амбасадата на Обединетото кралство, на УНФПА како дел од Обединетите Нации, граѓанските здруженија и засегнатите лица може да се стави крај на родово базираното насилство во нашата земја. Родово базираното насилство за жал се уште е едно од горливите глобални прашања што сериозно ја попречува родовата еднаквост. Сопри насилство врз жени и девојчиња! Не молчи, не трај, СТАВИ КРАЈ, подвлече Афродита Шаља Плавјанска, Шефица на канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија