Пандемијата со Ковид-19 ја предизвика најголемата глобална криза во јавното здравство на векот, со застрашувачки здравствени и социо-економски последици. „Ковид-19 претставува најголемиот тест со кој се соочивме уште од формирањето на Обединетите нации“, истакна генералниот секретар на ООН. Владите преземаат невидени мерки за спречување на ширењето на вирусот, зајакнување на здравствените системи и ограничување на движењето на милиони луѓе.
Сепак, пандемијата веќе предизвика сериозно нарушување на пристапот до сексуални и репродуктивни здравствени услуги што придонесе за влошување на постојните нееднаквости кај жените и девојките и ја продлабочи дискриминацијата во однос на другите маргинализирани групи. Всушност, пристапот до основни услуги во однос на сексуалното и репродуктивното здравје и права претставува значаен проблем во јавното здравје на што треба да се обрне посебно внимание и да се зголемат инвестициите со цел негово решавање.