Go Back Go Back
Go Back Go Back

Ги менуваме животите на жени што преживеале насилство во Северна Македонија

Ги менуваме животите на жени што преживеале насилство во Северна Македонија

Приказна

Ги менуваме животите на жени што преживеале насилство во Северна Македонија

calendar_today 25 May 2023

Настан во локална заедница во Северна Македонија каде што се промовираат услуги за жени што бараат помош поради семејно насилств
Настан во локална заедница во Северна Македонија каде што се промовираат услуги за жени што бараат помош поради семејно насилство и родово базирано насилство. Фото: УНФПА Северна Македонија, Општина Шуто Оризари, 2022 година

„Ова не е лесна работа, туку благородна работа, особено кога ќе сфатите дека сте ѝ помогнале на една жена да живее ослободена од насилство и да продолжи со својот живот.“

Стојне Митева (42) од Струмица, југоисточна Северна Македонија, доброволно работи како психолог и раководи со прифатилиштето за жртви од родово и семејно насилство.

Работејќи како новинар во Струмица, госпоѓа Митева известувала случки со семејно насилство, а била и продуцент на документарни филмови за жени што преживеале насилство. Таа ја сфатила потребата од центри за жртвите и ја создала организацијата „Скај плус“ за да им помогне на жените што страдале од насилство.

„Тимот што работи во центарот во Струмица целосно е посветен да обезбеди дом во кој жените жртви ќе се чувствуваат сигурно и безбедно“, рече г-ѓа Митева. „Ние даваме советување и психосоцијална поддршка за да им помогнеме на жените да ја вратат својата самодоверба, да застанат на свои нозе и да се реинтегрираат во заедницата.“

Во јануари 2020 година беше отворен центарот за жртви со поддршка од Општина Струмица, приватни бизниси, Црвен крст и локалната црква. Центарот располага со 13 кревети за жртвите и нивните деца, кои добиваат помош од социјален работник, негувател, координатор и помошник.

„Во прифатилиштето најдовме мир и можевме добро да спиеме“, рече Ана1, која престојува во центарот една година заедно со нејзините две деца. „Благодарение на тимот, ние станавме посилни и похрабри. За време на нашиот престој живеевме со други лица во прифатилиштето и се поддржувавме едни со други бидејќи сите споделувавме исти неволји.“

Поддршката што Ана ја добила од прифатилиштето ѝ помогнала да најде подобро платена работа, добила социјален стан и почнала повторно да гради својот живот.

УНФПА ја поддржува Владата на Северна Македонија со инвестирање во капацитети на институциите за континуирана обука на работниците од прва линија. УНФПА помага во спроведувањето на интегрираната политика против родово базираното насилство во согласност со начелата на Истанбулската конвенција и промовирање на услугите достапни за жените и девојките што преживеале такво насилство. Во моментов, постојат 13 специјализирани служби за жени што преживеале насилство во шест региони на Северна Македонија, како и три кризни центри за жртви на сексуално насилство и десет специјализирани советувалишта за жени жртви и осум за сторители. УНФПА, во соработка со локалните заедници, организираше серија настани во заедницата за промовирање на овие услуги.

Иако ова означува значителен напредок од ратификацијата на Истанбулската конвенција во Северна Македонија, сè уште не се исполнети сите барања.

„Со нашите партнери – Амбасадата на Велика Британија и Министерството за труд и социјална политика – работиме на усогласување на правната рамка, проширување на услугите и подобрување и анализата на базата на податоци“, рече Жаклина Гештаковска-Алексовска, аналитичар за Родовата програма на УНФПА, Северна Македонија.

Министерството за труд и социјална политика ја стави родовата еднаквост високо на својата агенда, особено кога станува збор за спречување на насилството врз жени и девојки.

„Насилството врз жените претставува едно од најраспространетите прекршувања на човековите права“, рече Светлана Цветковска, раководител на Секторот за еднакви можности во Министерството. „Честопати, насилството останува неискажано и непријавено. Тоа е проблем на целото општество, и државата и институциите имаат цел да го спречат и да обезбедат заштита за жртвите, да ја поддржат нивната реинтеграција во општеството, да ги казнат сторителите и да помогнат во нивната ресоцијализација.“

Во ноември 2022 година Владата донесе измени на Кривичниот законик за усогласување со Истанбулската конвенција, во која е вклучена дефиниција за родово базирано насилство врз жените и поведување постапка за обвинение на сите форми на родово базирано насилство.

УНФПА работи на промовирање на достапните услуги за спречување родово базирано насилство и семејно насилство врз жените и за заштита на жртвите што придонесуваат за подобрување на животот на жените.

„Мило ми е што во Струмица има прифатилиште затоа што претходно немаше каде да се оди“, рече Ана. „Центарот многу ни помогна. Сега се чувствувам многу посилно, имам поголема самодоверба и моите деца одат гордо, со кренати глави.“

 

1 Името е измислено со цел да се заштитат приватноста и идентитетот на жената што преживеала насилство.