You are here

Скопје, 21 декември - „Постигнат е голем напредок во однос на изработката на стандардите за гинекологија и акушерство во државата, и честитки за она што досега сте го направиле за мајчиното здравје“.

Ова денеска во Скопје го изјави реномираниот експерт од Велика Британија д-р Тахир Махмуд, кој деновиве е во посета на нашата земја во рамки на соработката на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Владата на Република Македонија со Министерството за здравство со цел намалување на мајчината и новороденечката смртност.

Д-р Махмуд, долгогодишен лидер на Европскиот борд и колеџ за гинеколози и акушери, имаше средби со претставници на неколку релевантни институции од оваа област – Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство од Скопје, Клиничката болница во Тетово, Комитетот за безбедно мајчинство, Здружението на гинеколози и акушери и други.

На денешниот состанок во Комитетот за безбедно мајчинство д-р Махмуд го презентираше делот на проектот на УНФПА и Владата којшто се однесува на подготовка и примена на стандардите за гинекологија и акушерство во насока на стандардизирање и унапредување на услугите за мајките.

„Комитетот продолжува посветено да го унапредува здравјето на мајките со поддршка на агенциите на Обединетите нации“, изјави на средбата претседателката на Комитетот, д-р Ана Данева Маркова.

Британскиот експерт ги претстави и мандатот и можностите на Европскиот борд и колеџ за гинеколози и акушери, каде членува и нашата држава, а своја заложба да се зајакне оваа соработка и да ги искористи можностите понудени од Европскиот борд изрази и раководството на Здружението на гинеколози и акушери.