Поради ескалацијата на борбите во Украина, УНФПА предупредува за влијанието на состојбата врз жените и девојчињата.
УНФПА, агенцијата за сексуално и репродуктивно здравје на Обединетите нации, покажува огромна загриженост поради ескалацијата на конфликтот во Украина. Доколку тензиите во Украина не стивнат веднаш, потребите за хуманитарна помош драматично ќе ескалираат.
УНФПА со децении соработува со партнери од Украина, притоа проширувајќи го пристапот до услугите за репродуктивно здравје и заштита на најтешко достапните групи. Ние ќе продолжиме и ќе ја зголемиме испораката на програмите за спасување човечки животи во рамки на целата земја. Наш приоритет е да се осигураме дека здравјето, правата и достоинството на жените и девојчињата кои се погодени од конфликтот се целосно заштитени, вклучително и нивното право да поминат безбедно низ бременоста и породувањето, како и правото да живеат без насилство.
Нашиот персонал кој е на терен е целосно подготвен да обезбеди основни лекови, материјали и услуги за да се осигури дека сексуалната и репродуктивната здравствена заштита, вклучително и сеопфатна поддршка за преживеаните од родово-базираното насилство, е сè уште одржлива.
Во последните осум години милион жени и девојчиња живееја во сенката на конфликтот во источна Украина, кој има катастрофален ефект врз нивната благосостојба и дополнително ги изложува на насилство и злоупотреба. Во моментов итно е потребен мир за жените, девојчињата и сите луѓе во Украина.
УНФПА повторно го истакнува апелот на генералниот секретар за итен прекин на огнот и ги повикува сите страни да ги почитуваат своите меѓународни обврски да ги поддржуваат човековите права и достоинството на сите луѓе, вклучително и жените и девојчињата. УНФПА, исто така, ги повикува сите страни да се воздржат од напаѓање на основната инфраструктура, вклучително и здравствените установи, и да обезбедат сите хуманитарни чинители да имаат непречен пристап во однос на обезбедувањето услуги и помош на оние на кои им е потребна.