You are here

„Отсекогаш сонував да имам свое семејство“, рече Сашка Смилкова. „Но, моето семејство не сметаше дека можам да забременам поради попреченоста. Дури мислеа и дека би можела да починам при породувањето“.

Г-а Смилкова (35) од Кратово, мал град во источна Северна Македонија, е глува и има тежок деформитет на 'рбетот. Во 2019 година дознала дека е бремена.

„Кога дознав дека сум бремена, сите во семејството ми велеа дека нема да родам здраво бебе, но јас и мојот партнер решивме да го задржиме“, рече таа.

Еден доктор од локалната болница во Кратово и една социјална работничка од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје ѝ помагале на г-а Смилкова во текот на нејзина бременост.

Добив безрезервна поддршка“, рече таа. „Докторот ми рече дека ќе родам здраво дете и дека сум храбра“.

Жените кои живеат со попреченост често се соочуваат со стигма и дискриминација во однос на сексуалноста, репродуктивното здравје и раѓањето деца. Според едно истражување од 2016 година, 40 отсто од луѓето кои живеат со оштетен вид/слух во Северна Македонија велат дека не се вложуваат напори за подигнување на свеста и намалување на стигмата за нивните сексуални и репродуктивни права; 46 отсто тврдат дека немаат брз и лесен пристап до здравствени установи и услуги.

Постојат бројни митови и табуа за лицата со попреченост“, вели Нада Тофоска, социјалната работничка од Универзитетската клиника која работела со г-а Смилкова. „Дека се хиперсексуални или асексуални и неспособни за планирање семејство или родителство. За жал, таквите предрасуди се чести не само кај поширокото население, туку и кај давателите на здравствени услуги“.

Според пописот од 2021 година, речиси пет отсто од населението во Северна Македонија живее со попреченост, што е пониско од светскиот просек (15 отсто).

Во 2020 година, Северна Македонија го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација, со којшто се гарантира заштита од дискриминација за лицата кои живеат со попреченост. Пред извесно време, Владата, во консултација со УНФПА и други национални партнери, усвои Стратегија за 2023-2030 година во вредност од 46 милиони евра што ги вклучува потребите на лицата со попреченост. Во суштина, Стратегијата ги зголемува пристапноста и достапноста на здравствените услуги, вклучувајќи ги и сексуалното и репродуктивното здравје и другите услуги. Покрај овие подобрувања, лицата со попреченост сè уште се соочуваат со значителни бариери – како што се проблемите со комуникацијата и негативните стереотипи - кога се обидуваат да пристапат до здравствена заштита.

Жените што живеат со попреченост не само што имаат тешкотии да пристапат до квалитетна сексуална и репродуктивна здравствена заштита, туку се изложени и на поголем ризик од насилство. Според извештајот на УНФПА, во текот на нивниот живот, многу поголема е веројатноста тие да доживеат сексуален напад отколку жените без попреченост. Со цел справување со овој предизвик, УНФПА обучи здравствени работници, вклучувајќи и гинеколози, социјални работници и психолози, за давање поддршка на лицата со попреченост во Северна Македонија во однос на нивните потреби за сексуално и репродуктивно здравје, како и за одговор на и заштита од родово-базирано насилство.

Лицата со попреченост имаат право слободно и одговорно да донесуваат одлуки кога и колку деца ќе раѓаат“, рече д-р Афродита Шаља, шефица на Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија. „И тие имаат право на пристап до информации и образование за планирање на семејството“.

Во 2023 година, УНФПА, заедно со партнерите, објави прирачник наменет за лицата со попреченост и здравствените работници кои даваат услуги за нив со цел да го подобри пристапот и инклузивноста при давањето клучни информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје.

Г-а Смилкова е благодарна за нејзиното позитивно искуство во бременоста и породувањето и ги охрабрува другите да го следат нејзиниот пат.

Прекрасно е чувството да се биде мајка“, рече таа. „Не откажувајте се, пробувајте, без оглед на вашата ситуација“.