Скопје, 23 јануари - Ракот на грлото на матката е втора најчеста причина за смрт од рак кај жените во Источна Европа и Централна Азија. Годишнo, во овој регион, се регистрираат повеќе од 46.000 нови случаи на рак на грлото на матката и 21.000 смртни случаи.
Во нашата држава, во просек секоја година 150 жени заболуваат од рак на грлото на матката, малигна болест која доколку се превенира на време, процентот на смртен исход е речиси нула.
Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија заедно со Министерството за Здравство и оваа година ја започна кампањата за подигање на свеста за ракот на грлото на матката. Целта на оваа кампања е да се информира јавноста поконкретно жените декa овој тип на рак скоро целосно може да се превенира преку вакцинација или скрининг кои може да се направат бесплатно.
Националната Комисија за превенција и рана детекција на рак на грлото на матката која континуирано работи на активностите поврзани со рано откривање на ова заболување и навремено започнување со третман, испрати јасна порака дека превенцијата спасува животи.