„Откако направив рутински преглед во мобилната гинеколошка амбуланта, го живеам својот втор живот“, вели Светлана Милиќ, 55 годишна домаќинка од Чешиново-Облешево, општина во источниот дел на Северна Македонија.
По прегледот, лекарите ја упатија г-а Милиќ на понатамошни испитувања, каде што ѝ дијагностицираа ран стадиум на рак на грлото на матката. Набрзо ја оперираа, за да се спречи ширењето на ракот.
Северна Македонија брои 17 гинеколози на секои 100,000 луѓе. Оваа бројка е над европскиот просек, но тие не се рамномерно распределени ширум земјата, при што половината од градовите и селата се оставени без лесно достапни услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Времето и парите што треба да се потрошат за минување на долгите растојанија за да се посети гинеколог претставуваат значајна пречка, особено за ранливите луѓе и луѓето од руралните средини. Како последица на тоа, голем број луѓе немаат пристап до услугите што им се потребни, вклучително и гинеколошки прегледи и скрининг за рак на грлото на матката. Со ширењето на КОВИД-19, пристапот до овие услуги стана уште потежок.
Како одговор на тоа, УНФПА, во партнерство со Македонското лекарско друштво – Здружение на гинеколози и опстетричари, Министерството за здравство, Комитетот за безбедно мајчинство и здраво новородено и Црвениот крст, изработи модел за надминување на овие проблеми.
Лекарите и медицинските сестри патуваат со мобилни амбуланти каде што се вршат бесплатни гинеколошки прегледи и други испитувања, вклучително и рано откривање на ракот на грлото на матката, а по потреба и даваат упати. „Претежно станува збор за постари жени, а поголемиот дел од нив никогаш претходно не посетиле гинеколог“, изјави д-р Јасминка Ајтовска, семеен лекар од Чешиново-Облешево. „Им објаснувам зошто е корисно за нив да си закажат преглед во мобилната амбуланта. Секоја поединечно ја прашавме дали сака да направи еден таков преглед, заради нивното сопствено здравје.“
Медицинска сестра ја подготвува лекарската опрема за пациент во мобилната гинеколошка амбуланта во општината Свети Николе во Северна Македонија. Фотографија УНФПА Северна Македонија / Томислав Георгиев
Речиси секој случај на рак на грлото на матката може да се спречи. Добро организирана програма за скрининг може да ја намали стапката на ракот на грлото на матката до 80% или до 90% доколку се комбинира со ХПВ вакцинација кај адолесцентните девојчиња.
Речиси 200 лекари и медицински сестри од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и голем број волонтери на Црвениот крст работат во две мобилни амбуланти. До сега беа прегледани над 1.700 жени од девет општини, од кои голем број не биле на гинеколошки преглед со години. Проектот, кој заеднички го спроведуваат СЗО и УНИЦЕФ, се финансира од Повеќепартнерски доверителски фонд за КОВИД-19.
Персоналот во мобилните амбуланти, исто така, помага во идентификување на сомнителните случаи на семејно и родово засновано насилство и дава информации за тоа какви локални услуги за поддршка им се достапни на преживеаните. Понатаму, тие даваат совети за тоа како да се избере општ гинеколог, и да се добие здравствено осигурување.
По првичните посети на мобилните амбуланти во декември 2021 година, интересот нагло порасна. Поттик за ова беше и д-р Ајтовска, единствениот општ лекар во руралната средина, којашто се погрижи да им се јави на сите свои пациентки и да ги охрабри да се пријавата за прегледот.
Мобилните амбуланти се интегрирани во националниот здравствен информативен систем, „Мој термин“, преку кој пациентите може да се упатат на последователните услуги. УНФПА и Министерството за здравство работат на развивање одржлив модел на мобилни амбуланти преку нивното интегрирање во националниот здравствен буџет.
„Развивме модел којшто им ги приближува на луѓето квалитетните услуги за репродуктивно здравје“, рече Афродита Шаља-Плавјанска, Шеф на канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија. „Тоа веќе имаше огромно влијание врз здравјето и добросостојбата на голем број ранливи жени, а преку нив, и на нивните семејства и заедници“.
Иако проектот заврши во март 2022 година, УНФПА продолжува со поддршката на мобилните амбуланти, како што постепено се инкорпорираат во националниот здравствен буџет, со цел на жените и девојчињата, вклучувајќи ги и најранливите групи, меѓу кои и затвореничките, корисничките на дрога, и сексуалните работнички, да им се обезбедат овие услуги.
Г-а Милиќ верува дека нејзината прва посета на амбулантата ѝ го спасила животот. „Бев 99% убедена дека сè е во ред, бидејќи немав симптоми и не чувствував болка“, рече г-а Милиќ. „Но, г-а Ајтовска инсистираше, па решив да појдам. Многу сум ѝ благодарна.“