Истанбул/Скопје, 11 јули 2024 година – На денешниот Светски ден на населението, регионалната канцеларија на Фондот за население на Обединетите нации-УНФПА за Источна Европа и Централна Азија ја нагласува потребата одговорите на демографските промени со кои се соочуваат земјите во регионот да се темелат на цврсти докази и на човековите права.
„Начинот на кој се расправа за демографските промени во регионот сѐ уште премногу често се карактеризира со заблуди и вознемиреност“, вели Флоренс Бауер, директорка на УНФПА за регионот на Источна Европа и Централна Азија.
Промените во структурата на населението со кои се соочува регионот се реални и нивните последици ја наметнуваат потребата од итни одговори, додава Бауер. „Но, нема причина за паника - владите можат многу да направат за да ги ублажат негативните последици и целосно да ги искористат можностите што исто така доаѓаат со демографските промени.“
Стапките на фертилитет на ниво на Источна и Југоисточна Европа се ниски, главно помеѓу 1,3 и 1,8 деца по жена. Во исто време, милиони луѓе во регионот ги напуштаат своите домови во потрага по подобри можности во други земји. Овие трендови како целина го забрзуваат процесот на стареење и во многу случаи доведуваат до намалување на бројот на населението во регионот. Повеќето земји што денес имаат помал број население отколку во 1990 година се наоѓаат во Централна, Источна и во Југоисточна Европа. Во некои земји населението се намали за 30 проценти или повеќе во овој период.
Со оглед на тоа што поголемиот дел од дискурсот во регионот е фокусиран на зголемување на стапките на наталитетот, УНФПА предупредува дека тоа може да доведе до наметнување вина и притисок врз жените и игнорирање на основните фактори што попречуваат основање семејство и поттикнуваат иселување, какви што се лошото образование, недостапното домување, нестабилните работни места, политичката нестабилност и корупцијата.
„Поради тоа, фокусот на стапките на фертилитет може да биде контрапродуктивен и потенцијално штетен“, вели Бауер. „Притоа, постои ризик вниманието да се одвлече од вистинските решенија за демографските предизвици и да се поништи деценискиот напредок во областа на родовата еднаквост, репродуктивните права и зајакнувањето на жените, со можни далекусежни негативни последици врз стабилноста и развојот на земјите.“
Иако бројот на населението е важен, земјите можат да напредуваат дури и кога стапките на наталитет се ниски. Но, за ова се потребни одржливи вложувања во човечкиот капитал и отстранување на многубројните препреки со кои жените и другите маргинализирани групи сѐ уште се соочуваат во однос на нивното целосно учество во економијата и во јавниот живот.
УНФПА работи со владите од целиот регион за да ги зајакне капацитетите за справување со демографските промени на сеопфатен начин, врз основа на докази и во согласност со човековите права и начелата на родова еднаквост. Програмата за демографска отпорност е структурирана околу четири столба - политика, човечки капитал, системски реформи и јавна поддршка.
Светскиот ден на населението е воспоставен од Генералното собрание на Обединетите нации за да се зголеми свеста за прашањата поврзани со населението и се одбележува од 1990 година.
УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, е агенција на ОН за сексуално и репродуктивно здравје. Неговата мисија е создавање свет во кој секоја бременост е посакувана, секое породување е безбедно и потенцијалот на секој млад човек е исполнет.