Скопје, 21 ноември, 2022 - Настан на тема „Обезбедување и почитување на човековите права во светот од 8 милијарди жители - планирањето на семејството како алатка за напредок”, во организација на Канцеларијата на УНФПА во Скопје, Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари и Македонско лекарско друштво, се одржа денеска во Скопје.
„Планирањето на семејството, особено во нашиот регион, не влијае на намалувањето на фертилитетот а доказ за тоа е што неколку години наназад фертилитетот опаѓа, иако стапката на искористување на модерни контрацептиви е една од најниските во светот“ истакна Афродита Шаља, шефица на Канцеларијата на УНФПА во Скопје.
Дали современите методи за контрацепција се достапни за јавноста, вклучително и за руралните области, маргинализираните и ранливи групи; дали се вклучени во националните планови за здравствено осигурување; кои услуги за планирање на семејството се достапни во нашата земја, беа некои од темите на панел дискусијата.
Покрај тоа се разговараше и за унапредување на политиките со цел олеснување на промените и поттикнување на поголема соработка на национално и на меѓународно ниво, вклучително и затворање на значителниот јаз за финансирање на планирањето на семејство.
На настанот учествуваат претставници од националните Mинистерство за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Министерството за образование, Здружението на новинари во РСМ, како и доктори, специјалисти по гинекологија и акушерство и претставници на медицински здруженија од Србија, Албанија и Косово (UNSCR1244).