Go Back Go Back
Go Back Go Back

Поддршка на УНФПА за младински иницијативи и учество на младите во изработка на медиумски производи

Поддршка на УНФПА за младински иницијативи и учество на младите во изработка на медиумски производи

Вести

Поддршка на УНФПА за младински иницијативи и учество на младите во изработка на медиумски производи

calendar_today 03 June 2024

Работилница за млади во Скопје - јуни 2024
Работилница за млади во Скопје - јуни 2024

Скопје, мај/јуни 2024 година – Низа медиумски производи, вклучувајќи статии, видео и аудио приказни, се изработени од млади лица во различни општини во Северна Македонија, поддржани од Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, во рамките на заедничкиот регионален проект на ОН „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“.

Вкупно 10 медиумски производи беа изработени од 14 млади активисти од различни етнички, културни и социјални групи, кои работеа под менторство на професионални новинари. Беа изработени шест видео, една аудио и три печатени приказни, со фокус на диверзитетот и борбата против стереотипите, инклузијата на маргинализираните групи, младинскиот активизам и промовирањето конструктивни наративи и вредности во различни локални заедници.

Медиумските производи ја истакнуваат потребата од обезбедување поголеми можности и поддршка на младите, вклучувајќи го воспоставувањето младински центри и локални младински совети. Недостигот на простори за дружење и организирање на младите е тема што се повторува, притоа нагласувајќи ја важноста на вклучувањето на младите во процесите на донесување одлуки. Производите, исто така, го насочуваат вниманието кон предизвиците со кои се соочуваат маргинализираните групи, вклучувајќи ги лицата со попреченост и ромската заедница.

УНФПА Северна Македонија, исто така, успешно поддржа девет акции предводени од младите во Северна Македонија, со кои се поттикнаа инклузивноста, меѓукултурното учење и позитивните наративи во различни општини.

Во овие акции беа вклучени повеќе од 500 млади лица со различна позадина, кои се фокусираа на прашања какви што се развој на заедницата, родова еднаквост, конструктивни наративи и инклузивност. Со помош на различни активности, локалните младински акции ги охрабрија младите да станат носители на промените поттикнувајќи го меѓусебното разбирање и довербата меѓу различни групи. Преку справување со локалните предизвици и промовирање на општествената свест, иницијативите, кои вклучуваа хакатони, работилници и уметнички изрази, беа катализатор за позитивни општествени промени и придонесоа за поинклузивно и правично општество.

Во Гостивар, 30 студенти развија иновативни решенија во рамките на 26-часовен хакатон. Македонски Брод беше сведок на активното учество на 40 млади лица во стимулирачки работилници. Во меѓувреме, во Тетово, 20 млади уметници се изразија преку живописни графити изработени на платно. Инспиративен пример за еколошка акција водена од младите е настанот во Босилово, каде што 15 млади лица го предводеа настанот за собирање ПЕТ-пластика што привлече повеќе од 100 учесници. Овие различни иницијативи ја истакнуваат посветеноста на УНФПА на зајакнување на младите, овозможувајќи им да ги поттикнат позитивните промени во своите заедници.

Спроведените младински акции, покрај тоа што служеа како платформа за младите да се поврзат на локално ниво, ги унапредија и целите на проектот за промовирање инклузија, еднаквост, доверба и меѓукултурен дијалог во различни заедници.