СКОПЈЕ, Северна Македонија — Преземањето мерки на претпазливост против заразата или ширењето болест за време на пандемијата со Ковид-19 не е лесно за никого, меѓутоа за одредени лица со попреченост ова претставува посебен предизвик, нешто што на младата здравствена работничка Беира Салифоска ѝ е многу добро познато.
„Бидејќи мојот вид е целосно оштетен, во суштина јас допирам предмети со цел да го истражам светот околу мене и притоа мора да ги држам рацете пред мене за да ми помогнат да се движам безбедно“, вели Салифоска, која работи како физиотерапевтка масажерка при Националниот институт за физикална медицина и рехабилитација во Скопје. „И одеднаш, морав да се навикнам да се држам настрана од луѓе и да го ограничам користењето на рацете при движење, што е навистина невозможно за некој како мене.“
Според Националниот сојуз на слепи и лица со оштетен вид, кој претставува чадор-организација на 18 локални здруженија, над 2.500 лица во Северна Македонија имаат одреден вид оштетување на видот. Не се водат статистички податоци за вкупниот број лица со различни видови попреченост во земјата, што неодамна забележа нагло зголемување во рамки на бројот на случаи заразени со Ковид-19.
„Лицата со попреченост припаѓаат на особено ранлива категорија на која ѝ е потребна дополнителна заштита во овој критичен период, особено на лицата кои се социјално и економски загрозени“, вели Александра Мојсова од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување (ХЕРА), партнер на УНФПА во Северна Македонија.
Голем број услуги за лица со попреченост се прекинати како резултат на пандемијата, додека, пак, препораките за физичко дистанцирање на овие лица им го отежнуваат добивањето лична поддршка или применувањето на потребните мерки за спречување на ширењето на заразата.
Влијанието на Ковид-19 врз менталното здравје на младите
УНФПА, во текот на изминатите три месеци, обезбеди финансиска поддршка за дистрибуција на вкупно 110 хигиенски пакети за лица со попреченост во областите со висок ризик од зараза со Ковид-19 во земјата. За да спроведе други активности за поддршка на најранливите групи на млади луѓе, вклучително и лица со попреченост, УНФПА исто така соработува и со младинската мрежа Y-PEER.
Според првичните резултати од истражувањето спроведено од страна на УНФПА и Y-PEER, младите во Северна Македонија се особено загрижени за влијанието на пандемијата со Ковид-19 врз нивното ментално здравје и финансиска состојба. Досегашните одговори на 700 млади лица укажуваат на тоа дека нивниот пристап до здравствени услуги е намален, нивниот граѓански ангажман драстично се намалил, нивниот пристап до сеопфатно сексуално образование е речиси непостоечки и притоа, тие се соочуваат со недостиг на информации за тоа како да пријават и одговорат на семејно насилство. Многу од овие проблеми се особено акутни кај младите лица со попреченост.
„Добивме одговори од млади лица кои се изјаснија дека за време на карантинот им била потребна здравствена заштита, но не ја добиле или, пак, дека се загрижени дека нивното образование ќе се одложи“, вели Кристијан Ангелески од Y-PEER. „Позитивно е тоа што повеќето велат дека се добро информирани за ризиците од заразата со Ковид-19 и за тоа како да се заштитат себеси“.
Според социјалниот работник и психотерапевт Александра Петкова, младите лица со попреченост се соочуваат со зголемено ниво на стрес, паника, неизвесност, вознемиреност, како и чувство на тага и осаменост. Овие негативни емоции произлегуваат од изолацијата и променетата рутина создадена од пандемијата со Ковид-19, вклучително и намалените или целосно прекинатите социјални контакти и зголеменото чувство на страв, вели таа.
Салифоска, физиотерапевтка масажерка, морала да помине 14 дена во изолиран домашен карантин откако на работното место била изложена на пациент позитивен на Ковид-19. Фото: УНФПА Северна Македонија
„Пандемијата со Ковид-19 укажува на тоа дека постои зголемена потреба за обезбедување континуирана психосоцијална помош, поддршка и рехабилитација на млади лица со попреченост, како и проширување на бројот и видот на услуги што нудат вакви работи“, вели Петкова, која исто така е вклучена во КРИК, младинска организација која работи со млади лица со попреченост.
Според Ангелески од Y-PEER, речиси 16 % од младите тврдат дека за време на пандемијата доживеале некаков вид малтретирање или сексуално вознемирување во рамките на комуникацијата преку интернет. Тој вели дека загрижува и фактот што речиси 40 % од младите изјавиле оти не знаат каде да пријават или да се обратат за помош во случаи на семејно насилство.
Обезбедување достапност на информациите за Ковид-19
„Сите активности што ги планираме со УНФПА за претстојните месеци, пред сѐ, се насочени кон поддршката на ранливите групи млади лица“, вели Ангелески. „Преку интернет ќе организираме работилници за менталното здравје и ризиците од родово-базираното насилство и ќе подготвиме информативни материјали за Ковид-19, што ќе бидат достапни за младите лица со попреченост“.
Физиотерапевтката Салифоска веќе имаше непосредно искуство со ризиците од Ковид-19: само неколку седмици по ширењето на пандемијата во Северна Македонија еден од нејзините пациенти бил позитивен на тестот.
„Не можам да кажам дека оваа информација ја примив мирно, бев шокирана и во неверување“, вели таа, додавајќи дека морала да се соочи со голема неизвесност додека го чекала својот резултат од тестирањето, што, за среќа, се покажал негативен. „Додека чекав морав да бидам во карантин 14 дена, што за мене не беше воопшто лесно“, вели таа. Личен асистент ангажиран од Министерството за социјални работи за да им помага на лицата со попреченост носел намирници пред влезната врата на Салифоска и притоа одржувал физичко растојание.
„Секогаш кога тој заминуваше ми се плачеше, но си мислев, и ова ќе помине“, вели таа. Откако завршил карантинот, Салифоска повторно била во можност да излезе и да пазари намирници со помош на нејзиниот асистент Димче или неговата девојка, која ѝ станала блиска пријателка.
„Јас сум весела и позитивна личност, затоа ќе извлечам нешто добро и од ова и се надевам дека оваа пандемија ќе биде голема лекција за сите нас“, вели Салифоска. „Пред сè, се надевам дека ќе научиме дека треба да ги почитуваме другите луѓе, да соработуваме и да остваруваме добра комуникација“.
- Ирена Спирковска