You are here

Скопје, 2 декември 2021 - На 1 и 2 декември во Софија се одржа министерска конференција „Обликување на демографската иднина“ на која бројни високи владини претставници, лидери и експерти од Европа и Централна Азија разговараа за зајакнување на капацитетот на земјите за да одговорат на длабоките демографски промени што се случуваат регионот.

Многу земји во Европа и Централна Азија се соочуваат со брзи демографски промени: луѓето имаат помалку деца и живеат подолго, а многумина ги напуштаат своите земји за да бараат можности на друго место. Општествата стареат и во многу случаи, стануваат сè помали, особено во Источна Европа каде што ниските стапки на фертилитет се надополнуваат со висока стапка на надворешна миграција.

На конференцијата која  беше организирана од Фондот за население на Обединетите нации-УНФПА и Владата на Република Бугарија под покровителство на Претседателот на Република Бугарија учествуваше и делегација од Република Северна Македонија. Во состав на делегацијата беше: министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство Ана Данева Маркова, Шефицата на Канцеларијата на УНФПА  во Северна Македонија Афродита Шаља Плавјанска и други претставници од различни области.

Главни теми на конференцијата беа: стареење на населението, фертилитет, родова еднаквост, планирање на семејството, аспирации на младите, ревитализација на руралните области, финанисирање на социјалните политики и поврзаност меѓу демографијата и демократијата.

На конференцијата беше пpомовирана Декадата за демографска отпорност и „Софиската алијанса“. Со промовирањето на Декадата на демографска отпорност 2022-2032 се дава поттик за земјите да го предвидат и да го разберат начинот на кој населението се менува и да развијат одговори за ублажување на  потенцијалните негативни ефекти и целосно да се искористат  можностите кои исто така доаѓаат со демографските промени.

Суштината е да се разбере дека демографските трендови се под влијание на комплексен сет на социјални, културни, економски и политички фактори и одговорот треба да се бара во сеопфатна политика во која човекот и неговите права и избори ќе бидат на прво место.

„Софиската алијанса“ е платформа за размена на успешни модели и тестирање на иновативни решенија за да се постигнат целите на Декадата за демографска отпорност.Таа ги собира на едно место владите и креаторите на политиките со водечки експерти, тинк-тенк организации, граѓанското општество, приватниот сектор за искористување на можностите поврзани со демографските промени во областите како што се стареење на населението, миграција, рурална ревитализација, зајакнување на младите, финансирање на социјалните политики, поддршка на семејствата, родова еднаквост, овозможувајќи им на луѓето да имаат колку што сакаат деца.

Поенти од обраќањата на дел од делегацијата на Северна Македонија:

„Со инвестирање во правата, вештините, можностите и условите за живот на Ромите, земјите можат да го зајакнат нивниот севкупен човечки капитал. Тие можат да создадат демографски поотпорни општества", вели Несиме Салиоска, активист за правата на Ромите, на отворањето на министерската Конференција за демографската иднина во Европа, што се одржува во Софија.

Вклучување на лицата со попреченост, особено жените и децата, и давање можности за нивна инклузија во областа на образованието, здравството, локалните услуги како и финансиската поддршка е наш приоритет. Заедно работиме и со другите министерства бидејќи е неопходен и мултиинституционалеn пристап за решавање на сите прашања коишто се исклучително важни за овие лица”, изјави министерката за труд и социјална Јагода Шахпаска панелист на вториот ден на министерската конференција за демографската иднина на Европа, што се одржува во Софија.

„Најдобар начин за решавање на демографските промени кога станува збор за фертилитетот е да им се дозволи на луѓето да имаат онолку деца колку што сакаат, да се отстранат бариерите, бидејќи тоа треба да биде избор на луѓето со почитување на човековите права и со сеопфатен и холистички пристап“, изјави д-р Ана Данева Маркова, претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство и здраво новородено, панелист на вториот ден од министерската конференција за демографската иднина во Европа, што се одржува во Софија.