Go Back Go Back
Go Back Go Back

Прегледот на ОН на демографските промени во Европа, Централна Азија и во Северна Америка нагласува дека правата и изборот треба да се во основата на политичките одговори на општествените промени

Прегледот на ОН на демографските промени во Европа, Централна Азија и во Северна Америка нагласува дека правата и изборот треба да се во основата на политичките одговори на општествените промени

Соопштение за јавност

Прегледот на ОН на демографските промени во Европа, Централна Азија и во Северна Америка нагласува дека правата и изборот треба да се во основата на политичките одговори на општествените промени

calendar_today 19 October 2023

Регионална конференција за ICPD 2023, Население и развој: Остварување на права и избори, Palais des Nations. 19 октомври 2023. Ф
Регионална конференција за ICPD 2023, Население и развој: Остварување на права и избори, Palais des Nations. 19 октомври 2023. Фото: Виолаин Мартин/UNECE.

ЖЕНЕВА, 19 октомври 2023 година – Во ситуација кога поширокиот регион на Европа се соочува со влијанијата на неколку кризи што се преклопуваат, вклучително и последиците од пандемијата на КОВИД-19 и ефектите од војната во Украина и други судири во регионот, говорниците на Регионалната конференција на високо ниво за население денеска во Женева потенцираа дека инвестирањето во благосостојбата и во изборот на луѓето, мора да остане главен приоритет за да им се овозможи на државите да се соочат со актуелните социоекономски и демографски предизвици и да ги искористат најдобро можностите што им се укажуваат.

Дводневната конференција насловена „Население и развој: Обезбедување права и избор“, е во организација на Економската комисија за Европа на ОН и на УНФПА, Фондот за население на ОН, со цел да се направи преглед на напредокот кон целите донесени на значајната Меѓународна конференција за население и развој (ИЦПД) одржана во 1994 година, во регионот на УНЕЦЕ, кој опфаќа 56 земји членки во Европа, Северна Америка и во Централна Азија.

„Регионот на УНЕЦЕ останува на врвот на глобалната демографска трансформација. Повеќето држави се соочуваат или ќе се соочат со намалување на фертилитетот, стареење на населението и проектирано намалување во бројот на население. Овие промени, колку што претставуваат предизвици, исто толку претставуваат и можности. Програмата за дејствување на ИЦПД нуди суштински патоказ за пристапи во политиките што максимално го искористуваат потенцијалот на поединците и ги зајакнуваат општествата во новите демократски реалности“, рече Татјана Молчан, извршен секретар на УНЕЦЕ.

„Со оглед на тоа што постои сè поголема загриженост во врска со последиците од демографските промени, начелата договорени во ИЦПД, и подоцна одразени во Целите за одржлив развој, служат како рамка за изнаоѓање конструктивни, напредни и долгорочни решенија што ќе бидат од корист како за поединците така и за општествата како целина“, рече Диене Кеита, помошник генерален секретар на ОН и заменик извршна директорка на УНФПА. „И покрај сè поголемата поларизираност, побројни се нештата што нè обединуваат од оние што нè раздвојуваат. Во интерес на секоја нација е да го следи развојот во чиј центар се луѓето бидејќи така се создаваат услови за здрави, еманципирани поединци и енергични, просперитетни општества.“

Извештајот од 210 страници што беше претставен на конференцијата, која се одржува во пресрет на 30-годишнината од ИЦПД во 2024 година, покажа дека во целина е постигнат напредок во остварувањето на многу од целите на ИЦПД, но и алармира дека во повеќе области напредокот е забавен или дури има и назадување во последно време под влијание на различни кризи и зголемениот отпор околу родовата еднаквост и репродуктивните права.

Бројот на население во регионот на УНЕЦЕ се зголемува и се очекува тој тренд да продолжи во следните децении, пред сè како последица на имиграцијата бидејќи, според извештајот, стапките на фертилитет се намалуваат и сè повеќе држави се соочуваат со намалување на бројот на население и со стареење на населението. Бројот на работоспособно население продолжува да се намалува во целиот регион, со исклучок на Централна Азија, каде што и понатаму има високи стапки на фертилитет.

Нето-миграцијата во регионот падна на најниско ниво од 1994 година, иако во извештајот се забележува значителна регионална разноликост. Извештајот наведува дека државите приматели мора да продолжат да ја олеснуваат интеграцијата на мигрантите на пазарите на трудот и во општеството, осигурувајќи пристап до пристојна работа, образование и здравствена заштита. Дополнително се истакнува дека со продлабочувањето на интензитетот и сложеноста на меѓународната миграција, сите земји членки можат уште повеќе да ги заштитат правата на мигрантите и да овозможат безбедна, уредна и редовна миграција.

Извештајот открива дека луѓето живеат подолго и поздраво. Денес умираат помалку жени при породување отколку пред дваесет години и помалку тинејџерки раѓаат деца како последица на непланирана бременост. Пошироко се достапни програми за поддршка на мажите и на жените во усогласување на работните и на семејните обврски.

Истовремено, напредокот постигнат во намалување на мајчината смртност во последно време е забавен, а стапките на смртност дури и се зголемуваат во приближно една третина од сите држави во регионот. Родовото насилство и понатаму е широко распространето во регионот, а истражувањата покажуваат загрижувачки раст на општествената прифатливост на насилството против жените во неколку држави. Иако детските бракови не се многу чести во целина, сепак нивниот број останува висок во некои држави и заедници. Стапката на употреба на контрацепција останува речиси непроменета во последните децении, со многу ниски стапки на употреба и незадоволена потреба од модерна контрацепција, особено во делови од Источна Европа.

И понатаму постои силна поделба исток-запад во повеќе други области: во источноевропските држави е помалку веројатно младите да имаат пристап до сеопфатно сексуално образование во училиштата, распространетоста на ХИВ и смртноста како последица од ХИВ се значително повисоки и помала е веројатноста жените да се вакцинираат или да се тестираат за рак на грлото на матката, што резултира со многу повисоки стапки на смртност.

На конференцијата присуствуваа повеќе од 300 претставници на влади, вклучително и министри и други службеници на високо ниво, граѓанското општество и академската заедница, како и пратеници и млади.

Конференцијата ќе ги утврди приоритетите за одржување на напредокот и соочување со назадувањето во три главни теми: (1) динамика на население и одржлив развој; (2) семејства и сексуално и репродуктивно здравје во текот на животот; и (3) нееднаквости, општествена инклузија и права.

За повеќе информации, контактирајте ги

-  Jean Rodriguez, УНЕЦЕ (UNECE), jean.rodriguez@un.org, +41 (0) 22 917 27 27

- Jens-Hagen Eschenbaecher, УНФПА за Источна Европа и Централна Азија (UNFPA Eastern Europe and Central Asia), eschenbaecher@unfpa.org, +905497483655

 

 

Факти и бројки

  • Вкупниот број население во регионот на УНЕЦЕ изнесува 1,3 милијарди луѓе, 160 милиони повеќе отколку во 1994 г. Се предвидува дека до 2050 г., бројот на населението во регионот ќе се зголеми за дополнителни 40 милиони луѓе.
  • Од 56 држави во регионот, 38 имаат повеќе население денес отколку во 1994 г., а 18 држави, во Источна и во Југоисточна Европа, забележале намалување на бројот на населението.
  • Вкупната стапка на фертилитет во регионот е 1,69 деца на една жена во репродуктивна возраст, намалување од 1,83 во 2015 г.
  • Од 56 држави во регионот, 19 имаат стапки на фертилитет под 1,5 деца на една жена во репродуктивна возраст.
  • Вкупната стапка на фертилитет се намали за 10 проценти или повеќе од 2015 г. во некои од најнаселените држави во регионот, вклучително и Руската Федерација, Турција, Украина, Обединетото Кралство и САД. Стапките на фертилитет се најниски во Јужна Европа (Андора, Италија, Малта, Сан Марино, Шпанија, Португалија), Југоисточна Европа (Албанија, Босна и Херцеговина, Кипар, Грција, Северна Македонија) и Украина. Петте централноазиски држави, Грузија, Израел и Монако се единствените држави во регионот со вкупна стапка на фертилитет еднаква на заменската стапка или повисока од неа.
  • Трендот на зголемување на возраста на мајката при првото раѓање продолжува и просечната возраст на жените при раѓањето на првото дете е 29,7 години, во споредба со 29,1 година во 2015 г.
  • Очекуваниот животен век при раѓање се проценува на 76,2 години за мажи и 82 години за жени, зголемување од 74,7 и 80,9 години соодветно во 2015 г.
  • Стареењето на населението продолжува, при што 17,6 проценти од вкупното население на УНЕЦЕ се лица на возраст од 65 години и постари, а тој број е дури и повисок од 20 проценти во 24 од 56 држави во регионот.
  • На регионално ниво, нето-миграцијата е позитивна, иако се забележува остар пад по врвот на сириската бегалска криза во 2015 г.   
  • Од 2015 г., сите држави во Централна Азија, повеќето држави на Балканот и Јужнокавкаскиот Регион и Бугарија, Грција, Латвија, Литванија, Турција и Украина се соочуваат со негативна нето-миграција. Нето-миграцијата е позитивна од 2015 г. во други држави во регионот, при што најголем прилив има во САД, Руската Федерација и во Германија.
  • Кипар, Ирска, Луксембург, Норвешка и Швајцарија забележаа зголемување на бројот на населението како резултат на миграција од 20 до 40 проценти помеѓу 2000 и 2020 г.
  • Мајчината смртност во регионот се намали од просечните 22 на 12 смртни случаи на 100.000 живородени деца помеѓу 2000 и 2020 г. Напредокот се намали и соодносот на мајчина смртност се зголеми помеѓу 2015 и 2020 г. во 18 од 52 држави за кои има податоци.
  • Стапката на наталитет кај адолесценти се намали од просечни 20,3 на 12,6 раѓања на 1.000 жени на возраст од 15 до 19 години помеѓу 2000 и 2020 г.
  • Распространетоста на контрацепцијата (каков било метод) кај жените во брак или кај жените што живеат во вонбрачна заедница на возраст од 15-49 години не е многу променета од 2000 г., со тоа што средната вредност за регионот се зголемила сосема малку од 69,6 проценти на 70,6 проценти.
  • На Балканот и во Јужен Кавказ, стапките на употреба на модерни контрацептивни средства се значително пониски од регионалниот и од светскиот просек, и една од три жени има незадоволена потреба од модерен метод за планирање на семејството.
  • Сеопфатното сексуално образование сè уште не е спроведено во широки рамки. Во 2022 г. само 28 држави пријавиле дека донеле политики со кои се воведува задолжително ССО како дел од наставната програма или политики во редовното образование (во споредба со 19 држави во 2019 г.).
  • Во 2022 г. имало 160.000 случаи на новозаразени лица со ХИВ во Источна Европа и во Централна Азија, што е зголемување од 49 проценти од 2010 г. и најголемо зголемување во кој било регион во светот за овој период.
  • Во Јужна Европа и во Централна Азија ракот на грлото на матката е втора најчеста причина за смрт поврзана со рак кај жени во репродуктивна возраст, бидејќи е многу помала веројатноста жените да се вакцинираат и да се тестираат за рак на грлото на матката отколку што е случај во Западна Европа.
  • Родовото насилство останува сеприсутно во регионот: во половина од државите во регионот за кои има податоци, процентот на луѓе што сметаат дека е оправдано мажот да ја тепа својата сопруга, се зголемил со текот на времето.
  • Родовиот јаз во платите се намали од 18 проценти во 2015 г. на 14 проценти во 2020 г., но жените и понатаму се платени помалку од мажите за еднаква работа и тие се одговорни за поголем дел од неплатената грижа и работа во домаќинството.