Њујорк, 11 јули 2022 – Светското население се предвидува да достигне 8 милијарди на 15-ти ноември 2022 година, според Предвидувањата за светското население 2022 година што денеска ги објави Одделот за економски и социјални прашања на Обединетите нации. Достигнувањето на оваа пресвртница е причина за славење но и јасен повик до човештвото да најде решенија за предизвиците со кои се соочуваме.
Предизвиците со кои се соочува човештвото се акутни: прашањата како што се климатските промени, конфликтите и Ковид-19, несразмерно ги погодуваат најмаргинализираните и најранливите меѓу нас. Милиони луѓе и натаму живеат во сиромаштија и страдаат од глад, немаат пристап до здравствена и социјална заштита и не можат да завршат квалитетно основно и средно образование. На жените ширум светот сè уште им е ускратено основното право да донесуваат одлуки за нивните тела и иднината, а гледаме загрижувачко уназадување на напредокот во однос на правата на жените во многу држави.
И покрај овие предизвици, приказната за 8-те милијарди и за тоа како стигнавме до овде е приказна за триумф. Ја намаливме сиромаштијата и постигнавме забележителен напредок во здравствената заштита. Нас, луѓето, нé има повеќе од кога било досега, делумно и поради зголемување на животниот век и падот на смртноста на доенчињата и мајките.
„Ова е успешна приказна, а не сценарио за судниот ден. Нашиот свет, и покрај неговите предизвици, е свет каде што поголем дел од луѓето се образовани и живеат поздрав живот отколку во кој било претходен момент во историјата“, вели д-р Наталија Канем, извршна директорка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА. „Фокусирањето исклучиво на збирот на населението и стапките на раст ја промашува поентата и често води до принудни и контрапродуктивни мерки и ерозија на човековите права. Всушност, луѓето се решението, а не проблемот. Искуството покажува дека инвестирањето во луѓето, во нивните права и избор е патот до мирни, просперитетни и одржливи општества“.
УНФПА, како што се приближуваме до ноември 2022 година, ќе работи со нашите партнери и заедници за да ја искористи моќта на 8-те милијарди како дел од нашата мисија за постигнување на целите утврдени во Програмата за акција на Меѓународната Конференција за население и развој во 1994 година. Човештвото, преку заштитата на правата и изборот на сите луѓе, го има клучот за ослободување на неограничениот потенцијал на луѓето ширум светот да се справат со предизвиците што им се закануваат на нивните општества и глобалните проблеми што нè загрозуваат сите нас.
Не сме сами на ова патување - има многу примери на солидарност и индивидуално херојство. Мораме сите заедно да работиме на справување со сиромаштијата, дискриминацијата, насилството и исклученоста и другите бариери кои им ги ускратуваат правата и изборот на милиони луѓе ширум светот.
Овој момент бара и визија и акција. Владите можат да спроведуваат популациони политики чија суштина се сексуалното и репродуктивно здравје и права на луѓето. Приватниот сектор може да развие креативни решенија, искористувајќи ја моќта на иновациите и технологијата за глобално добро. Уметниците и креативните луѓе ширум светот можат да ја применат својата генијалност и талент за да нé инспирираат и да ни помогнат да го замислиме ветувањето што го нуди светот со 8 милијарди луѓе.
Колективно, ние претставуваме бесконечни можности за акција, раст и промена. Создавањето поправеден и поодржлив свет бара да се поттикне светот напред кон еднакви права и можности за еден/една - и за сите.
Клучни наоди за предвидувањата за светското население 2022 година:
1. Се предвидува дека светското население ќе достигне околу 10,4 милијарди луѓе во текот на 2080-тите и ќе остане на тоа ниво до 2100 година.
- Околу 12 години беа потребни за да се зголеми светското население од 7 на 8 милијарди, приближно исто време како од 6 на 7 милијарди. Наредната милијарда се очекува да се достигне за околу 14,5 години (2037).
2. Половина од 8-те милијарди луѓе се резултат на демографската експанзија во Азија. Африка го даде вториот најголем придонес (речиси 400 милиони).
- 10 држави придонесоа за повеќе од половина од растот на населението од 7-та до 8-та милијарда. Индија имаше убедливо најголем прираст, а потоа следат Кина и Нигерија.
- Африка и Азија ќе водат во растот на населението до 9-та милијарда во 2037 година.
3. Денес, две третини од светската популација живее во држава или област каде што стапката на фертилитет во текот на животниот век е под 2,1 раѓања по жена (познат како заменски фертилитет).
- Глобалниот животен век достигна 72,8 години во 2019 година што е подобрување за речиси 9 години од 1990 година. Но, во 2021 година, очекуваниот животен век за најнеразвиените земји заостануваше 7 години зад глобалниот просек.
- Во многу држави во развој, уделот на работоспособното население (помеѓу 25 и 64 години) се зголемува.