Жените и девојките кои се раселени поради војна или катастрофа се под најголем ризик од силување, експлоатација и злоставување. Престојот во камп за бегалци или во други места каде има хуманитарни услуги не ги елиминира секогаш овие ризици.
Недоволно осветлени тоалети или пумпа за вода што не е во опсегот на заштита од страна на офицерите за безбедност, може да бидат опасни места каде што жените и девојките стануваат цел на сексуално насилство. Доколку безбедносната заштита е послаба, тие може да решат и да не ги користат услугите што им се достапни. Бремената жена која штотуку треба да се породи може да се соочи со невозможен избор – или да се породи на сопствен ризик или да го преземе ризикот да биде нападната додека бара помош од клиника или акушерка во непосредна близина.
Ниту една жена треба да донесува ваква одлука. Понекогаш, решенијата се едноставни како што е инсталирање на повеќе светлосни тела во камповите или ситуирање на критичните сервиси на јавни места. Сепак, одредени решенија честопати изискуваат поконкретни дејствија за да се укаже на родовата нееднаквост што го предизвикува насилството против жените.
На Денот на хуманитарната работа ги повикувам сите актери во оваа област да се приклучат на нашата заедничка обврска да ги заштитиме ранливите групи, особено да ги заштитиме правата, безбедноста, здравјето и животите на жените и девојките.
УНФПА, Фондот за население на ООН, се ангажира во својот дел од аспект на грижа за репродуктивното здравје на жените во државите што се погодени од криза, утврдување на безбедни места за жените и девојките, како и услуги за жртви на сексуално насилство. Со поддршка на целата хуманитарна заедница, можеме драматично да ги намалиме ризиците со кои секојдневно се соочуваат милиони жени и девојки.