You are here

На насловната страница на глобалниот извештај „Состојби на светското население – 2015“ е поместена фотографија од нашиот фотограф Наќе Батев кој работеше заедно со претставниците на УНФПА во Гевгелија во август 2015 година. Во самиот извештај исто така се вметнати повеќе фотографии од теренската работа, кои ќе бидат прикажани на изложбата.
Нашата земја во 2015 година се соочи со хуманитарна криза, а улогата на канцеларијата на УНФПА во Скопје беше да се осигура дека сите жени ќе имаат пристап до безбедни медицински услуги без разлика на ситуацијата, со цел да се заштитат животите на мајките и децата. Канцеларијата на УНФПА во Скопје во партнерство со Министерството за здравство, како и организациите ХЕРА, Црвениот Крст, Ла Страда, набави и дистрибуираше хигиенски пакети и суплементи наменети за жените во репродуктивен период и девојките адолесценти кои транзитираа низ земјава.
Извештајот „Состојби на светското население – 2015“ ги истакнува сегментите од одговорот во време на хуманитарна криза кои се занемарени: сексуалното и репродуктивно здравје и права кај жените и адолесцентите. Сите најпрвин помислуваат на обезбедување на храна или засолништа при вакви кризи, но многу поретко се помислува на жените кои што ќе се породат, девојките кои што искусиле сексуално насилство или пак нивните основни хигиенски потреби.