You are here

Скопје, 23 ноември 2023 година - Денеска, во Скопје, се одржа настан за оддавање признание на професионалците кои работат на заштита и превенција од родово базирано насилство, преку доделување на сертификати како дел од проектот „Превенција и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија“ што го спроведува УНФПА Северна Македонија во соработка со Министерство за труд и социјална политика и финансиска поддршка на Британската амбасада во Скопје.

На настанот воведни обраќања имаа Фљакрон Беџети, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија , Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија и Афродита Шаља, шефица на Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија по што следеше доделувањето на сертификатите.

На овој настан се доделија 33 сертификати за успешно завршена обука за обучувачи за спроведување почетна едукација на професионалците за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство и обука за обучувачи за спроведување едукација на професионалците за мултисекторска соработка за родово базирано насилство врз жените. Со ова се формираше и првиот регистер на обучувачи и обучувачки за мултисекторски одговор од сите институции и организации кои обезбедуваат заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство.

Покрај нив сертификати добија и 18 операторки на СОС линиите кои успешно завршија циклус на обуки за унапредување на капацитетите на операторките.