You are here

Скопје, 8 март 2023 - На меѓународниот ден на жената 8. март, УНФПА ја започна кампањата за славење на родовата еднаквост преку фотостории на жени кои со своите професии ги уриваат предрасудите и стереотипите и ги јакнат правата и улогата на жената во општеството.

Во кампањата што се одвиваше во месец март на социјалните медиуми се објавуваа фотостории од жени чии професии, како што се пожарникарка, хармоникарка, диригентка и пилотка, ја јакнат родовата еднаквост. Учесничките го споделија своето искуство за предрасудите со кои се среќавале градејќи ја својата успешна кариера и упатија охрабрувачки пораки за идните генерации.


Зорица Каракутовска (47), хармоникарка. Фотографија: УНФПА Северна Македонија

„Уште при изборот на инструментот хармоника во основното музичко училиште се соочив со предрасудите дека овој инструмент ‘не е за девојче’. Оттогаш до денес, ние, жените хармоникаши, успеавме да се носиме со предизвикот за разбивање на родовите стереотипи и да се избориме за нашето место во светот на музиката”, истакна Зорица Каракутовска (47), хармоникарка. Таа додаде дека се радува оти многу девојки го следат нејзиниот пример.


Ива Матиќ (34), пилотка. Фотографија: УНФПА Северна Македонија

„Патот да се стане пилотка е тежок, макотрпен и бара многу жртви и посветеност, но дестинацијата вреди. Леталото не знае дали сте маж или жена. Таму каде што сум сега и тоа што успеав да го постигнам низ годините, доволно говори дека родовите стереотипи се неиздржани”, вели Ива Матиќ (34), пилотка.


Менка Стојаноска (33), пожарникарка. Фотографија: УНФПА Северна Македонија

 

Менка Стојаноска (33), пожарникарка во Противпожарната бригада во Скопје, вели дека најважно е „само успешно да ја завршам работата“.

„На некој начин, јас бев таа што го трасираше патот за жените диригенти кај нас. Ми пречеше тоа што морав двојно повеќе да се докажувам само заради тоа што сум жена, но морав да бидам упорна”, вели Бисера Чадловска, првата диригентка во земјата.