ИСТАНБУЛ, 22 септември 2022 година – Денес во Истанбул, на отворањето на Конференцијата на високо ниво организирана од УНФПА, Фонд за население на Обединетите нации, учесниците изјавија дека добро дизајнираните семејните политики од коишто имаат корист и жените и мажите се клучниот елемент на секој успешен одговор на демографските предизвици со кои се соочува Европа.
„Време е да се урнат бариерите што ги спречуваат жените и мажите да имаат кариера и да имаат онолку деца колку што тие сакаат“, рече Флоренс Бауер, директорка на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и за Централна Азија.
„Со семејните политики, на жените и мажите им се олеснува исполнувањето на домашните обврски и на обврските на работа. Тие се корисни за вработените родители, за компаниите, за економијата и за општеството во целина“.
Ширум Европа од жените сè уште се очекува да преземат голем дел од неплатената нега и работа во домаќинството. Со ова на жените им се отежнува вработувањето и основањето семејство. Најчесто, тие сè уште треба да бираат помеѓу кариерата и раѓањето деца. Некои жени никогаш не се вклучуваат на пазарот на трудот или пак, се откажуваат кога имаат деца. Во Источна Европа, уделот на жените на пазарот на трудот е особено низок, генерално под 50 проценти. На оние што влегуваат и остануваат на пазарот на трудот честопати им е тешко доколку сакаат да основаат семејство и најчесто имаат помалку деца отколку што би сакале или воопшто немаат.
„Со семејните политики може да им се овозможи на луѓето да имаат онолку деца колку што сакаат и да им се олесни на жените да се приклучат на пазарот на трудот – и овие две нешта се пожелни од индивидуалната перспектива за човековите права, а исто така и затоа што помагаат да се ублажат ефектите од демографските промени во земјите “, рече г-ѓа Бауер. „Но, за да го имаат овој ефект, семејните политики треба да одговорат на потребите на жените и да ја имаат предвид различноста на модерните семејства“.
Владите и приватниот сектор имаат клучна улога за воведувањето на семејните политики. Во семејните политики се вклучени добро платеното родителско отсуство за жените и мажите, надоместоците за нега и антидискриминациското законодавство што ги штити бремените жени, како и аранжманите за флексибилно работно време на вработените, посебните простори на работното место за доилките и установите за нега на малите деца.
Бизнисите имаат корист од воведувањето на семејните политики, поради зголемувањето на моралот на персоналот и намалувањето на стапката на отсуство, поради обртот на вработените и трошоците за регрутирање, а сето тоа носи поголема продуктивност и поголеми приходи.
На Конференцијата, што се одржа во рамките на програмата „Проширување на изборите“ на УНФПА, финансирана од Австриската агенција за развој (АДА) учествуваа околу 100 лидери на бизниси и на влади од цела Источна Европа и Централна Азија