Go Back Go Back
Go Back Go Back

Шампиони во рушење предрасуди: Регионалниот натпревар во пливање ги обединува младите од Западен Балкан

Шампиони во рушење предрасуди: Регионалниот натпревар во пливање ги обединува младите од Западен Балкан

Вести

Шампиони во рушење предрасуди: Регионалниот натпревар во пливање ги обединува младите од Западен Балкан

calendar_today 08 April 2024

Шампиони во рушење предрасуди - Скопје. Фотографија: УНФПА Северна Македонија
Шампиони во рушење предрасуди - Скопје. Фотографија: УНФПА Северна Македонија

Скопје, 6 - 7 април 2024 година – Во емотивен спој на атлетизам и пријателство, регионалниот натпревар во пливање што се одржа во Скопје минатиот викенд ги собра спортистите со интелектуална попреченост од целиот Западен Балкан. Настанот се одржа на базенот во СЦ Борис Трајковски и претставуваше можност за прославување на инклузивноста и пријателството, каде што младите спортисти ги покажаа своите таленти, енергично се натпреваруваа и создаваа пријателства.

Натпреварот, организиран во рамките на проектот на Обединетите нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ имаше за цел да ја промовира свеста за инклузијата и регионалната соработка помеѓу младите преку спортот. Со поддршка од Фондот за население на ОН (УНФПА), Специјалната Олимпијада и Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, настанот претставуваше колективна заложба за рушење на бариерите и поттикнување на меѓусебното разбирање во регионот.

„Нашата цел е да обезбедиме платформа за вклучување и обединување на младите со различно потекло, поттикнување комуникација и размена преку спортот, културата, граѓанското образование и проекти во заедницата“, рече Џон Кенеди Мосоти, директор на УНФПА за Северна Македонија, на прес-конференцијата пред настанот, нагласувајќи ги позитивните наративи за постигнување кохезија.

За Росана Дуџак, Постојан координатор на ОН во Северна Македонија, светот на спортот опфаќа многу повеќе од постигнатите резултати.

„Тоа е најдобрата функционална платформа што спојува луѓе од различни етнички групи, нации, култури, религии и можности“, рече Дуџак.

Спортисти со различно потекло влегоа во базенот и покажаа извонредни вештини и решителност во повеќе категории и стилови на пливање. Гледачите беа почестени со возбудливи трки, а базенот одекнуваше со овации и аплауз за учесниците. Еден од најуспешните учесници беше Харун Абдагиќ (26) од Босна и Херцеговина, кој освои троен златен медал, а неговите инспиративни победи беа олицетворение на моќта на талентот и напорната работа.

„Многу сум горд што учествував на овој настан. Тоа беше неверојатно искуство и сум воодушевен од резултатите што ги постигнавме. Овие медали ми значат многу и ме мотивираат да работам уште повеќе за идните натпревари“, сподели Харун, чии достигнувања беа пречекани со силна поддршка и аплауз од неговите колеги спортисти и публиката во салата.

Покрај возбудата за натпреварот, настанот претставуваше платформа за размена и социјализација меѓу учесниците, што е од непроценлива важност. Спортистите имаа можност да се поврзат, да споделуваат искуства и да градат пријателства за време на натпреварите и надвор од нив благодарение на разните активности што ги организираа координаторите на настанот, како на пример, хамбургер-забава со диџеј, прошетка низ градот итн.

При крајот на натпреварот, учесниците и организаторите го прославија неговиот успех за промовирање на инклузијата, еднаквоста и довербата кај младите од Западен Балкан. Настанот не само што ги покажа спортските вештини на учесниците, туку и ја нагласи важноста од обезбедување еднакви можности за учество на лицата со интелектуална попреченост во спортот.

Регионалниот натпревар во пливање е доказ за трансформативната моќ на спортот во негување на единството, рушење на предрасудите и овозможување посветла иднина за сите. Преку ваквите иницијативи, младите од Западен Балкан создаваат пријателства и соработка коишто ги преминуваат границите и го поплочуваат патот за поинклузивно и похармонично општество.

Мисијата на овој настан и проектот во чии рамки се одржа, „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, јасно одекна помеѓу звуците од плисоците и овациите на базенот. Освен натпреварување во различни стилови и добивање медали, натпреварот имаше за цел да всади чувство на припадност и зајакнување кај младите од Западен Балкан. Преку промовирање на инклузијата, пријателството и соработката во спортот, иницијативата се обиде да ги сруши општествените бариери и да поттикне заедничка визија за посветла иднина.