СКОПЈЕ, Северна Македонија — Животот на Сибел Бајрам можеше да отиде во сосема друг правец. Младата наставничка по англиски јазик ѝ припаѓа на ромската заедница во Северна Македонија, каде што детските бракови - најчесто неформални и занемарени од страна на властите – се почести отколку кај останатото население, ограничувајќи им ги можностите на девојчињата од оваа заедница.
Меѓутоа, благодарение на поддршката од семејството да се образуваат и да имаат слободен избор, некои девојки Ромки како Бајрам, беа во можност да го избегнат детскиот брак и неговите штетни влијанија.
„Тетка ми беше првата жена во нашето семејство која не подлегна на притисоците во тоа време да се омажи рано. Таа ги сруши стереотипите стапувајќи во брак и оформувајќи семејство на 31 година“, вели 25-годишната Бајрам. „Таа го отвори патот и за мене и за сестра ми“. Но, Бајрам и нејзината сестра имале и други важни херои во семејството.
„Кога бев мало девојче, на само шестгодишна возраст, дедо ми ме однесе на курс по англиски јазик. Тој секогаш беше горд на мене и секогаш ме фалеше пред сите“, вели таа. „Имав среќа да пораснам во семејство во кое мажите, и татко ми и дедо ми, неизмерно не поддржуваа мене и сестра ми да го продолжиме нашето образование“.
Детските бракови и другите штетни практики произлегуваат од широко распространетото и упорно верување дека девојчињата се помалку вредни од момчињата и дека одлуките што ги засегаат нив треба да ги носи некој друг, а не тие самите. И присилните и детските бракови имаат сериозни последици. Тие честопати доведуваат до тоа девојчињата да не можат да донесуваат одлуки за својот живот: да продолжат со училиште, да работат и да имаат кариера, да одлучуваат за контрацепција и бременост и да не бидат жртви на насилство и злоупотреба.
Ваквите практики создаваат меѓугенерациски циклуси на нееднаквост, со долготрајни негативни влијанија не само врз девојчињата и жените, туку и врз цели општества, како што е детално опишано во новиот извештај на УНФПА, Извештај за состојбата на светското население во 2020 година „Против мојата волја: пркос кон практиките што им штетат на жените и девојките и ја поткопуваат еднаквоста“.
Повреда на правата на девојчињата во име на „традицијата“
Детските бракови се поврзани со сиромаштијата, напуштањето на училиштето и раната бременост, што може да биде штетно за репродуктивното здравје на девојчињата. Во Северна Македонија, детските бракови претежно се јавуваат меѓу населението во ромската заедница. Според Мултииндикаторското кластерско истражување (MICS) спроведено во периодот помеѓу 2018 и 2019 година со поддршка на УНФПА и УНИЦЕФ, во ромските населби 45,1 % од жените на возраст помеѓу 20 и 24 години биле во брак уште пред да наполнат 18 години, во споредба со 7,5 % во рамки на општата популација. Истите податоци покажуваат дека 15,5 % од жените Ромки биле во брак или живееле во заедница уште пред да наполнат 15 години, наспроти 0,3 % од жените во целина.
„Жените и девојките од маргинализираните и рурални области се соочуваат со кршење на нивните права преку призмата на традицијата, а исто така и поради перцепциите дека тие немаат никаква вредност без сопруг и дека нивната невиност е прашање на чест за семејството“, вели Несиме Салиоска, активистка за правата на Ромите.
„Она што е највознемирувачко е тоа што детските бракови, иако спаѓаат во категоријата на родово-базирано насилство, јасно не се признаваат како такви од страна на државните институции, кои не дејствуваат соодветно за да ги спречат или да ги заштитат жртвите“, додава Салиоска. „Во исто време, овие изолирани и заостанати заедници честопати поседуваат и значителен страв од институционална интервенција, така што некои од овие патријархални вредности се применуваат како еден вид ‘заштитен’ механизам“.
„Моите родители секогаш биле горди на мене“, вели Бајрам. Фото: Сибел Бајрам/УНФПА Северна Македонија
Менување закони и ставови
Во ноември 2019 година, на Самитот во Најроби за ICPD25, Владата на Северна Македонија официјално се посвети на елиминирање на детските бракови до 2030 година. Оваа обврска се надоврзува на чекорите преземени почнувајќи од декември 2018 година, кога Парламентот на државата донесе Закон со кој вонбрачната заедница со лице на возраст под 18 години претставува кривично дело. Новиот Закон, кој беше изгласан со директна поддршка од Клубот на жени парламентарки и генералниот секретар на Парламентот, Цветанка Иванова, во август 2019 година беше проследен со измени и дополнувања на Законот за основно образование. Ова отвори простор за поширока дебата во врска со детските бракови.
„Во измените и дополнувањата на Законот за основно образование јасно е наведено дека треба да се приберат податоци за причините зошто учениците го напуштаат училиштето“, вели Салиоска, која ги иницираше и е активно вклучена во овие процеси. Законот, вели таа, прецизира дека доколку се утврди дека малолетничка вонбрачна заедница е причина за напуштање на училиштето, за да може да се преземат соодветни активности, училиштето е должно да го извести соодветниот Центар за социјални работи, Државниот просветен инспекторат и одговорното лице за образование во рамките на општината.
„Понатаму следуваат измени и дополнувања на Законот за средно образование, како и на Законот за семејство, со кои вонбрачната заедница ќе се признае како форма на брачна заедница, која исто така треба да биде забранета за лица на возраст до 18 години“, додава Салиоска.
„Нашите национални партнери ја препознаваат важноста од елиминирањето на детските бракови и работат на тоа преку активности на различни нивоа и во различни сектори“, вели Афродита Шаљa, раководител на Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија. „Посветеноста на Владата вклучува креирање официјална база на податоци за бројот на детски бракови, следење на индивидуалниот развој и обезбедување услуги за нивна грижа, истовремено обезбедувајќи права и благосостојба“.
Жената треба да биде на еднакво рамниште со својот сопруг
Обврската преземена на Самитот во Најроби вклучува развој на протокол за координирана акција од страна на сите релевантни министерства за спречување, идентификување и казнување детски бракови, како и истовремено развивање и спроведување едукативни кампањи, во соработка со граѓански организации, што ќе ја сензибилизираат јавноста за ова прашање во контекстот на човековите права.
„Честопати наидувам на осудувања од страна на мои врсници кои веќе се во брак, во форма на прашања за тоа кога ќе се омажам“, вели Бајрам. „Јас одговарам дека, се разбира, тоа ќе се случи еден ден, но исто така и одговарам дека жената која ќе стане сопруга и мајка треба да се образува и да има безбедна работа, така што ќе биде на еднакво рамниште со својот сопруг во однос на економската позиција и придонесот во семејството“.
Како претседател на новоформираното Здружение на жени Ромки „Lacho Dive“, Бајрам работи на мотивирање, организирање и понатамошно образование на други жени и девојки Ромки сѐ со цел и ним да им се овозможи да донесуваат слични одлуки.
„Им велам, искористете ги можностите што ви ги нуди животот, едуцирајте се најдобро што можете и верувајте во себе“, вели таа. „Патот до успехот не е лесен, но откако ќе оставите белег, другите ќе ве следат“.
- Ирена Спирковска