Go Back Go Back
Go Back Go Back

8 милијарди луѓе во светот: 8 начини на кои државите можат успешно да ги управуваат демографските промени

8 милијарди луѓе во светот: 8 начини на кои државите можат успешно да ги управуваат демографските промени

Вести

8 милијарди луѓе во светот: 8 начини на кои државите можат успешно да ги управуваат демографските промени

calendar_today 11 July 2022

Уникатната демографска средина во регионот е поттик за изнаоѓање креативни решенија.
Уникатната демографска средина во регионот е поттик за изнаоѓање креативни решенија за справување со основните причини и максимално искористување на можностите кои исто така доаѓаат со демографските промени.

Кон крајот на годината, на 15 ноември, се предвидува дека светското население ќе достигне 8 милијарди луѓе – уште една меѓница во наглиот пораст на бројот на луѓето што живеат на планетава. Но, како што светот се подготвува да ја обележи оваа демографска пресвртница, важно е да не заборавиме дека овој глобален тренд кон сè побројно население во светот прикрива една неверојатна разновидност на демографскиот развој на регионално и национално ниво.

 

Високите нивоа на фертилитет, кои се главниот двигател за растот на населението, се сконцентрирани во сè помал број на земји; всушност, веќе 60% од населението во светот живеат во земји со стапка на фертилитет еднаква или пониска од нивото на замена (во просек, по 2,1 дете на една жена). Во сè повеќе земји, растот на населението стагнира, па дури и преминува во опаѓање на бројот на населението.

 

Во голем број земји, особено од Централна и Источна Европа, дојде до намалување на населението во изминатите неколку децении – што е резултат на комбинираниот ефект од ниската стапка на фертилитет, високата смртност (особено кај мажите), и високите нивоа на иселување (особено на младите луѓе на репродуктивна возраст). Ова доведе до една единствена демографска појава во регионот; извор на голем страв и немир, од една страна, но, исто така, сè повеќе и поттик да се изнајдат креативни решенија за надминување на главните причинители на ваквите демографски промени и искористување на можностите што тие ги нудат.

 

УНФПА им дава поддршка на земјите во нивните заложби да се справат со ефектите од изменетата демографија преку регионалната програма за демографска отпорност и ја покрена Декадата на демографска отпорност на Министерската конференција во Софија во декември 2021 година, за да се преземат дејства што ќе им овозможат на земјите да виреат во светот на менливата демографија.

 

Како што се приближуваме кон пречекот на 8-милијардитиот човек во светот, еве ни 8 работи кои земјите во регионот може да ги направат за да ги ублажат потенцијално негативните ефекти по луѓето, општествата и стопанствата, и да напредуваат во светот на нагли демографски промени.

 

  1. Овозможете им на луѓето да имаат толкав број деца колку што сакаат

Анкетите покажуваат дека луѓето во регионот начелно посакуваат да имаат по две или повеќе деца, но, често завршуваат со само едно дете – па дури ниту едно. Овој јаз помеѓу посакуваната плодност и стварната големина на семејствата ни сигнализира дека постојат значајни пречки што ги спречуваат луѓето да не си ги остварат своите плодоносни намери. Тука спаѓаат високите трошоци (особено за згрижување и образование на децата), потешкотиите со комбинирање на работните и семејните обврски, и штетните родови норми според кои се очекува жените да го понесат поголемиот товар околу грижата за децата и домаќинските работи. Властите може да ги отстранат овие препреки така што ќе ги прошират социјалните и семејните политики, ќе ги направат работните места благопријатни за семејствата, ќе се борат против упорните родови нееднаквости во општеството и, во поширока смисла, ќе создадат окружување кое им овозможува на луѓето, а посебно на младината, да имаат доверба во својата држава, во својата заедница и во своите економски изгледи за да си ја планираат својата иднина и да започнат семејство. За ова е потребен напредок во доброто управување, почитување на човековите права, и обезбедување издржан и одржлив економски раст.

 

  1. Создадете општества во кои луѓето ќе сакаат да живеат и да си ја планираат иднината

Ширум целиот регион, иселувањето доведува до одлив на мозоци, придонесува за намалување на населението, ја влошува состојбата со стареење на општеството, и влијае врз стапката на фертилитет, бидејќи голем број од младото население на репродуктивна возраст своите семејства ги создаваат во странство. Во Босна и Херцеговина, на пример, една скорешна анкета на УНФПА откри дека по еден на секои два младинци, или 47%, размислуваат да ја напуштат земјата, привремено или постојано. Незадоволството од квалитетот на животот е главниот двигател на заинтересираноста на младинците да заминат во странство, според оваа анкета.

 

Државите мора да создадат политики и да преземат дејства за да го унапредат образованието и да ги подобрат изгледите за вработување, да ги прошират квалитетните јавни услуги и пристапот до домување, да ја обноват довербата кај луѓето во државните институции и да ги поттикнат младите луѓе да земат учество во јавните работи. Миграцијата, секако, не мора сама по себе да значи нешто лошо: таа создава можности за студирање и стекнување професионално искуство во странство, за изучување нови јазици и за запознавање на најразлични култури. Но, луѓето не би требало да се чувствуваат дека мора да си заминат од сопствената земја, или дека не можат да се вратат во неа, поради недостиг на можности дома. На крајот на краиштата, владите се должни да изградат општества во кои луѓето ќе сакаат да останат, да живеат, да имаат семејства, доколку така изберат.

 

  1. Оснажете ги постарите луѓе да останат здрави и активни членови на општеството

Како што се раѓаат сè помалку деца, и голем број младинци заминуваат во странство, општествата во целина стареат. Ако на ова го додадеме и здравото продолжување на очекуваниот животен век, не е за изненадување што регионот брзо се доближува до остатокот на Европа, каде што, до 2050 година, речиси 30% од населението ќе биде на возраст од 65 години или повеќе.

 

Стареењето на општествата сè уште се доживува како нешто негативно: закана по социјалната држава и товар за младите. Но, стареењето може да стане проблем само доколку институциите не се подготват и приспособат. Постојат огромни потенцијални придобивки кога луѓето имаат пристап до образованието и здравството во текот на целиот свој животен век, па ќе влезат во својата стара доба со корисни вештини и во добро здравје, и ќе останат активни учесници во економијата и во општеството, бидејќи поимот за старосно пензионирање станува сè пофлексибилен и старите луѓе стануваат двигатели на „сребрената економија“ [„економија на побелените коси“] којашто се развива околу нивните потреби и избори.

 

Принудното исклучување на постарите луѓе од општеството е човечка трагедија и морален недостаток. Но, тоа воедно им штети и на самите држави – и економски и социјално. Во регионот којшто нагло старее, државите едноставно не можат да си го дозволат тој луксуз една четвртина од своето население да го потиснат на маргините на општеството, сосе нивните вештини, дарби и други придобивки.

 

 

  1. Вложувајте во семејните политики (и водете сметка да не се на штета на жените)

Силните социјални и семејни политики се клучни за да им се овозможи на луѓето да имаат толкав број деца колку што сакаат. Високо развиените земји трошат помеѓу 1% и 4% од својот БДП за поддршка на семејствата. Една од најефективните политики е да се овозможи финансиски прифатлива, висококвалитетна грижа за децата, која ќе започне веднаш по завршувањето на родителското отсуство, и ќе биде усогласена со работното време на родителите.

 

Политиките најдобро ќе го поддржат изборот на младите луѓе да раѓаат деца доколку успеат да одговорат на нивните најразлични потреби кои произлегуваат од нивните најразновидни животни ситуации. Овие политики треба да им овозможат на мажите и жените да си ги усогласат работните и семејните обврски и да им дадат финансиска помош на семејствата со ниски примања. Доказите ни покажуваат дека е малку веројатно да се постигне долгорочен ефект преку тесногледите политики кои се фокусираат само на давањето финансиски стимулации за раѓање повеќе деца.

 

Подеднакво е важно да се води сметка мерките за поддршка на семејствата да не им вршат, макар и ненамерно, притисок на жените да се откажат од своето образование и од својата кариера. На пример, премногу долгите породилни отсуства, иако навидум делуваат како великодушна придобивка, им го отежнуваат враќањето на жените на работа откако ќе го родат детето. Политиките за поддршка на семејствата мора да ги земат предвид и таквите ефекти и да поведат сметка и работоспособните жени и работоспособните мажи правично и подеднакво да се грижат за децата и да ги вршат домаќинските обврски по дома.

 

 

  1. Изборете се против стереотипите за родовите улоги во семејството и во општеството

Сеприсутната родова нееднаквост и стереотипите за соодветните улоги на жените и мажите во семејството, на работното место и во општеството се клучните фактори кои ги спречуваат луѓето во остварувањето на нивните желби за раѓање. Земјите кои имаат ниско ниво на родова еднаквост обично имаат многу ниско ниво на фертилитет, па дури и да е земјата високо развиена. Ова во голема мера се должи на фактот што од жените и понатаму се очекува да го понесат на својот грб најголемиот дел од домашниот товар да се грижат за децата и да ги вршат домаќинските работи, а за кои, инаку, не се платени. Во регионите каде жените се стекнуваат со добро образование, ова практично значи дека жените се приморани да избираат помеѓу работата и семејството. Потребно е време да се урнат штетните стереотипи и општествени норми, но потенцијалните придобивки се огромни – многу повеќе од само зголемување на наталитетот. Бидејќи, кога жените можат целосно да учествуваат во сите сфери на општеството, без да мора да се откажат од раѓањето деца, земјите многу веројатно ќе пораснат, не само според бројките, туку и во однос на можностите, стабилноста и напредокот што им ги нудат на идните генерации.

 

  1. Дајте им подобри можности на младите луѓе

Вреженото чувство на неизвесност за својата иднина е главниот двигател на високите нивоа на иселување од регионот, и придонесува за одржување на ниската стапка на плодност. Комбинацијата од невработеност и несигурна работа, немањето добро управување и ограничените можности за активирање, ги тера голем број младинци, особено од Источна и Југоисточна Европа, да бараат подобри прилики на друго место. Широко распространетото чувство на неизвесност и нестабилност, поткрепено со слабата поддршка и недостаточните услуги за семејствата, е главната пречка што младите луѓе немаат толкав број деца колку што посакуваат, или што воопшто не сакаат да раѓаат деца. За решавање на овие предизвици е потребен сеопфатен одговор преку политики за образованието, здравството, пазарот на трудот, доброто управување и политичкото учество, како и преку зајакнување на системите за социјална заштита.

 

  1. Изградете поинклузивни општества

Макар што демографските промени често се доживуваат како предизвик, на нив може да се гледа и како на огромна можност да се изградат поцврсти, поинклузивни општества. Во денешниот свет, силата на една земја не се мери во бројки, туку според образованието, вештините и дарбите на нејзиното население. Но, многу малку се работи на негување на овој човечки капитал, и преголем број луѓе остануваат исклучени од главните текови на општеството, оневозможени да го исполнат својот потенцијал. На земјите кои најдобро се справуваат со демографските промени ова им е јасно, па затоа тие развиваат политики кои ги вклучуваат луѓето: им го олеснуваат пристапот на жените во работната сила, привлекуваат даровити луѓе однадвор, ги интегрираат малцинствата, и ги оснажуваат старите луѓе да останат активни, и после пензионирањето, во своите заедници, во економијата и во јавниот живот. Инклузивните општества се далеку поотпорни на демографските промени, со многу поголема веројатно да напредуваат, без оглед на бројната состојба на населението.

 

 

  1. Создавајте подобри податоци за подобри политики

Податоците се клучот за успехот. Тие им овозможуваат на властите да ја анализираат сегашноста, да им одговорат на потребите, и да ја испланираат иднината. Податоците со кои располагаме ни овозможуваат, со висок степен на сигурност, да го предвидиме демографскиот развој во претстојните децении. Знаеме, на пример, дека наглото стареење на населението ширум регионот ќе продолжи и во догледна иднина, па властите може да ги употребат овие податоци да се подготват за тоа, така што своите системи и институции ќе ги приспособат на изменетата реалност. Но, за ефективно да го постигнат тоа, потребни се уште многу повеќе грануларни податоци, расчленети според пол и возраст и други карактеристики, вклучително и на поднационално ниво. А и начинот на кој ги собираме податоците мора да се приспособи на новата реалност. На пример, ставањето на сите постари луѓе во еден кош, како возрасна категорија 60+ или 65+, нè става во ризик да не ја согледаме сета разновидност на оваа сè побројна кохорта. Со подобри, погрануларни податоци, земјите ќе се најдат во многу подобра положба да ја предвидат и да се подготват за демографската иднина на регионот.