Go Back Go Back
Go Back Go Back

Изјава на УНФПА за новиот коронавирус (COVID-19) и бременоста

Изјава на УНФПА за новиот коронавирус (COVID-19) и бременоста

Изјави

Изјава на УНФПА за новиот коронавирус (COVID-19) и бременоста

calendar_today 06 March 2020

УНФПА, Агенцијата за сексуално и репродуктивно здравје на ООН, внимателно ја следи ситуацијата и работи со партнерите, владите и агенциите на ООН на справување со новиот коронавирус (COVID-19), која е прогласена за јавно-здравствена вонредна состојба од меѓународен интерес од страна на Светската здравствена организација (СЗО).

УНФПА настојува да осигури дека на жените во репродуктивна возраст и бремените жени им се даваат точни информации за мерките за заштита од инфекција, потенцијалните ризици, како и за навремено барање медицинска помош.

„Иако стравот и неизвесноста се природни реакции на коронавирусот, ние мора да се водиме од факти и сигурни информации“, вели д-р Наталија Канем, извршна директорка на Фондот за население на ООН (УНФПА). „Сите мораме да бидеме сплотени заедно во солидарност, да се бориме против стигмата и дискриминацијата и да осигураме дека луѓето ги добиваат потребните информации и услуги, особено бремените жени и доилките“.

Сексуалното и репродуктивното здравје е важно јавно-здравствено прашање за време на епидемии, а безбедната бременост и породување зависат од функционалните здравствени системи и строгото придржување кон мерките за заштита од инфекции.

Бидејќи епидемијата на COVID-19 може да предизвика посебна загриженост кај бремените жени, УНФПА би сакала да сподели резиме на ограничените докази за ризиците за оваа група, како и за препорачаните превентивни мерки и супортивни терапии.

До денес нема научни докази за зголемена подложност на бремените жени на COVID-19. Сепак, бременоста носи физички промени што може да придонесат некои бремени жени да бидат поподложни на вирусни респираторни инфекции. На бремените жени со респираторни заболувања мора да им се даде највисок приоритет во лекувањето поради зголемениот ризик од неповолни исходи.

Бремените жени треба да ги преземат истите превентивни активности за избегнување инфекција што се препорачани за сите возрасни лица, како на пример, избегнување близок контакт со секој кој кашла и кива, често миење на рацете со сапун и вода или употреба на алкохолно средство за дезинфекција на рацете, покривање на устата и носот со хартиено марамче или со лакотот при кашлање и кивање, како и добра термичка обработка на месо и јајца. Сите препорачани активности се достапни на веб-страницата на СЗО.

Во овој момент сè уште нема вакцина за превенција или третман за лекување на вирусот, но, сепак, има препорачан третман за симптомите. Третманот за бремени жени за кои постои сомневање дека се заразени со COVID-19 или, пак, имаат потврдена инфекција треба да се состои од супортивни терапии препорачани од СЗО за возрасни пациенти во консултации со нивниот гинеколог/акушер.

Жените кои дојат не треба да се одвојуваат од своите новороденчиња, бидејќи нема докази кои покажуваат дека респираторните вируси можат да се пренесат преку мајчиното млеко, според УНИЦЕФ. Мајката може да продолжи со доењето сé додека се применуваат неопходните мерки на претпазливост дадени подолу:

  • Симптоматските мајки кои се чувствуваат доволно добро за да можат да дојат треба да носат маска кога се во близина на детето (вклучително и за време на доењето), да ги мијат рацете пред и по контактот со детето (вклучително и доењето) и да ги чистат/дезинфицираат контаминираните површини.
  • Ако мајката е премногу болна и не може да дои, треба да се охрабри да измолзи млеко што може да му се даде на детето со чиста чаша и/или лажица - при што треба да носи маска, да ги мие рацете пред и по контактот со детето и да ги чисти/дезинфицира контаминираните површини.

Обезбедувањето поддршка за менталното здравје и психосоцијална поддршка за погодените лица, семејства, заедници и здравствени работници е клучен дел од одговорот.

УНФПА ги поддржува погодените заедници, особено најранливите жени и девојчиња, чии потреби од заштита и здравствените потреби мора да бидат во центарот на напорите за одговор на епидемијата. Ние и нашите вработени насекаде низ светот работиме и постојано ја прегледуваме нашата внатрешна подготвеност, како и нашиот ангажман со партнерите, владите и заедниците на кои им служиме, со цел спречување и соодветен одговор на епидемијата.