You are here

Њујорк, САД –​ Бројот на жени кои немаат пристап до услуги за планирање на семејството и кои се соочуваат со несакана бременост, родово-базирано насилство и други штетни практики, би можел значително да се зголеми и да достигне дури и до милиони случаи во месеците што следат, се наведува во податоците што денеска ги објави УНФПА, Агенцијата за сексуално и репродуктивно здравје на ООН, како резултат на ширењето на пандемијата Ковид-19.

Преку ова истражување се открива огромното влијание што пандемијата Ковид-19 го има врз жените бидејќи здравствените системи стануваат преоптоварени, објектите се затвораат или се обезбедува само ограничен пакет услуги за жени и девојчиња, а повеќето од нив избираат да не одат на важни медицински прегледи поради страв од зараза од вирусот. Глобалните нарушувања на синџирот на снабдување, исто така, може да доведат до значителен недостиг на контрацептивни средства, а се очекува и зголемување на бројот на жртви на родово-базирано насилство, како резултат на тоа што жените се заглавени дома веќе подолг период.

„Овие нови податоци всушност го прикажуваат катастрофалното влијание на пандемијата Ковид-19 врз жените и девојчињата на глобално ниво. Пандемијата ги продлабочува постоечките нееднаквости, а над милион жени и девојчиња во моментов ризикуваат да ја загубат можноста да го планираат своето семејство и да ги заштитат своето тело и сопственото здравје“, истакна д-р Наталија Канем, извршна директорка на УНФПА. „Репродуктивното здравје и правата на жените мора да се заштитат по секоја цена. Потребно е и понатаму да се овозможува пристап до соодветните услуги и нивно извршување, додека, пак,  ранливите групи изложени на насилство мора да добијат соодветна заштита и поддршка.“

КЛУЧНИ ПРОЕКЦИИ:

  • Во 114 земји со ниски и средни приходи, 47 милион жени можеби нема да имаат пристап до современи контрацептивни средства и поради тоа, се очекува да се појават 7 милиони случаи на несакана бременост, како и големи нарушувања на здравствените услуги доколку рестриктивните мерки траат уште 6 месеци. На секои 3 месеци се продолжува важењето на рестриктивните мерки, при што, истото доведува до дополнителни 2 милиони жени кои нема да имаат пристап до современите контрацептивни средства.
  • Во случај рестриктивните мерки да траат најмалку уште 6 месеци, може да се очекуваат дополнителни 31 милион случаи изложени на родово-базирано насилство. За секои 3 месеци продолжено важење на рестриктивните мерки, се очекуваат дополнителни 15 милиони случаи изложени на родово-базирано насилство.
  • Поради нарушување на програмите за спречување на генитално осакатување на жените со цел спречување на ширењето на пандемијата Ковид-19, може да се појават 2 милиони случаи кои претрпеле осакатување на гениталиите во текот на следната деценија, а што би можеле да бидат избегнати.
  • Ширењето на пандемијата Ковид-19 ќе ги наруши напорите за ставање крај на детските (малолетните) бракови, што може да резултира со дополнителни 13 милиони детски бракови склучени во периодот меѓу 2020 и 2030 година, коишто инаку би можеле да се избегнат.

УНФПА и понатаму продолжува со својата работа во соработка со владите и своите партнери, со цел да им даде приоритет на потребите на жените и девојчињата во репродуктивна возраст и итно да одговори на потребите во јавното здравство за време на Ковид-19. Напорите на УНФПА ќе бидат насочени кон зајакнување на здравствените системи, набавка и испорака на основните материјали за заштита на здравствените работници, обезбедување пристап до сексуално и репродуктивно здравје и услуги во врска со родово-базирано насилство и унапредување на комуникацијата меѓу засегнатите страни во состојба на ризици и ангажманот на заедницата.

Истражувањето е спроведено од страна на УНФПА, во соработка со „Avenir Health“, Универзитетот „Џон Хопкинс“ (САД) и Универзитетот „Викторија“ (Австралија). Проекциите се засновани на ​​неодамнешните истражувања спроведени од страна на УНФПА во врска со она што ќе биде потребно за постигнување на целите на организацијата до 2030 година. За секоја проценка, истражувачите го предвидуваа директното влијание на Ковид-19 врз нарушувањето на глобалните програми за превенција од пандемијата.

  • Проекциите се достапни на веб-страницата ​www.unfpa.org
  • Глобалниот план на УНФПА за спречување на ширењето на пандемијата Ковид-19 е достапен ​овде​.

За УНФПА

УНФПА е Агенција за сексуално и репродуктивно здравје на ООН, чија мисија е да создаде свет каде што секоја бременост е посакувана, секое породување е безбедно и потенцијалот на секој млад човек е исполнет. Работиме во земјите во развој и при хуманитарни вонредни состојби, со цел да има обезбедиме на жените да имаат соодветен пристап до услуги за планирање на семејство, да се стави крај на смртните случаи на мајките кои можат да се спречат, како и да се стави крај на родово-базираното насилство и штетните практики, како што е генитално осакатување на жените и склучување детски бракови.