Go Back Go Back
Go Back Go Back

Обука за репликација на моделот на шелтер центарот Скај Плус со други општини

Обука за репликација на моделот на шелтер центарот Скај Плус со други општини

Вести

Обука за репликација на моделот на шелтер центарот Скај Плус со други општини

calendar_today 11 February 2023

Обука за репликација на моделот на Шелтер центарот Скај Плус со други општини
Обука за репликација на моделот на Шелтер центарот Скај Плус со други општини. Фотографија: УНФПА Северна Македонија

Струмица, 12 февруари  - Во периодот од 11 до 12 февруари 2023 година, здружението „Скај плус “ од Струмица одржа дводневна обука за репликација на моделот на шелтер центарот на Скај плус и во други општини низ државата. На обуката присуствуваа претставници од граѓански организации, локалната самоуправа и од Центрите за социјална работа од Охрид, Гостивар и Крушево.

Теми на работилницата беа - потребите за воспоставување на засолниште за жени жртви на насилство и легислативата за семејно и родово базирано насилство, а особено внимание беше посветено на моделот на функционирање на Шелтер центарот. Моделот на соработка со сите чинители на локалната заедница беше од посебен интерес кај присутните, со оглед на тоа што во нивните заедници постои потреба за воспоставување на засолниште за жртви на РБН. Вториот работен ден учесниците на обуката се запознаа со стандардите и процедурите за воспоставување на засолништа за жртви на родово базирано и семејно насилство и можеа да научат како да ги мапираат сите можни соработници и релевантни чинители од локалната заедница и како да се дефинираат улогите за воспоставување на соработка. Особено значајно беше да стекнат вештини за собирање на финансиски средства и за управување на сервиси и услуги за заштита на жени жртви на родово базирано и семејно насилство.

По примерот во Струмица, учесниците од општина Гостивар споделија информација дека општината предвидела средства во општинскиот буџет за отворање на засолниште. Фондот за население при ОН заедно со Британската амбасада во Скопје го поддржуваат процесот на јакнење на капацитетите на заедниците преку реплицирање на моделот на струмичкиот шелтер центар кој работи во партнерски однос со општина Струмица.

Особен интерес имаше за стандардите и процедурите за воспоставување на засолниште, како и за начинот на лиценцирање, по кои планови, програми и протоколи се згрижува жртвата и се што е потребно во фазата на подготовки.  Учесничката Нела Масалковска од Одделението за локален економски развој ги објасни начините како општината го финансира Центарот за згрижување на жени жртви на семејно насилство, и како може мапираните општини да воспостават родово одговорно буџетирање. Присутните покажаа огромен интерес и ентузијазам за да се реплицира моделот, а одговорните од Скај Плус ќе обезбедат менторирање во следниот период. Исто така, беше изработен и Прирачник за оваа намена. За време на дискусиите, беше потенцирано мапирањето како и застапувањето и лобирањето кај релевантните чинители кои треба да се вклучени во поддршка на функционирањето на оваа социјална услуга.

Ова беше втората од двете работилници за реплицирање на моделот на соработка на Скај Плус. Првата се одржа во декември 2022, а присутни беа граѓански организации од Охрид, Гостивар и Струга.