You are here

Скопје, 9 декември 2021 - Со панел дискусија на тема: „Истанбулската конвенција и новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените-што ќе се промени во пристапот за спречување и заштита од насилство врз жените“ се означи почетокот на проектот „Спречување и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија“, финансиран од британската Амбасада во Скопје, што го спроведува УНФПА.

Целта е да се поддржи Владата на Северна Македонија на ниво на целата држава да ги опфати и да почне со имплементација на интегрирани политики за родово базирано насилство, во согласност со принципите на Истанбулската конвенција.

„Говориме за најгорливото прашање во светот и кај нас, кое бара итни решенија и одговори-родово базирано насилство. Ставањето крај на родово базираното насилство е во срцето на се она што го работи УНФПА. Неговото искоренување значи постигнување на целосна родова еднаквост и е една од трите глобални цели на УНФПА кои се стреми да ги оствари до 2030 година“, рече шефицата на Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија, Афродита Шаља Плавјанска.

И статистичките податоци сведочат дека се потребни итни решенија: една од десет жени е жртва на физичко насилство, 30 проценти од жените се жртви на сексуално вознемирување, две од пет на психолошко насилство, а една од пет лично познава роднина, пријателка или сосетка која доживеала некаков облик на семејно насилство. Во споредба со жените од ЕУ, трипати повеќе жени веруваат дека семејното насилство е приватна работа и дека треба  да остане во рамки на семејството, а некои сметаат дека малото насилство дури е и нормално однесување.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска рече дека како пратеник имала привилегија да гласа за Истанбулската конвенција во Собранието, а сега како министер заедно со сите институции, невладиниот сектор, УНФПА и со британската амбасада интензивно работи на воспоставување алатки кои што произлегуваат од Законот за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

„Горда сум што овој Закон во јануари минатата година беше усвоен со консензус и заедно за него гласаа и пратениците од власта и од опозицијата. Тоа говори дека насилството врз жените не е приватна работа, не препознава политичка припадност, не препознава средина во која што  живее, не препознава образовно ниво на жртвите и на сторителите, едноставно претставува најдрастично кршење на човековите права и слободи. Со носењето на законот, за прв пат се воведува институтот-постапување со должно внимание од страна на институциите и физичките лица. Тоа значи обврска за сите кои што имаат индиции или кои што се сведоци на сторување на делото насилство врз жените, родово базирано насилство или семејно насилство да го пријават. Доколку тоа не го сторат, жртвата има право да покрене постапка пред граѓански суд зашто не било испочитувано ова законско решение со должно внимание“, истакна министерката Шахпаска.

Таа нагласи дека за успешноста на приказната, во справувањето со насилството врз жените и девојчињата и родово базирано насилство, сите алки од синџирот на координираната борба треба подеднакво да го дадат својот придонес.

Правата на жените и девојчињата, родовата рамноправност, запирање на родовото насилство се приоритет во надворешната политика на Обединетото Кралство.

Амбасадорката на Обединетото Кралство НЕ Рејчел Галовеј потсети на изјавата на шефицата на британската дипломатија Лиз Трас дека жените и девојчињата се во центарот на надворешната политика на Обединетото Кралство, а тоа вклучува приоритет да се даде на активности за запирање на насилството врз жените и девојчињата.

Таа нагласи дека сите треба да работат на исполнување на Истанбулската конвенција согласно новиот Закон, а целта е  „да создадеме општество во кое жените и девојчињата ќе го остварат својот целосен потенцијал“.

„Горда сум што со УНФПА ќе започнеме тригодишен проект за поддршка на Владата во Северна Македонија за имплементација на политиките за спречување на родово базирано насилство во согласност со Истанбулската конвенција. Целта на проектот е да се подобрат услугите за жртвите, преку зајакнување на достапноста и преку зајакнување на капацитетитети на услугите за жртвите“ рече амбасадорката Галовеј.

Шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Стефен Худолин истакна дека Комисијата ги поттикнува институциите во земјава да го елиминираат родово базираното насилство и да го стават на врвот на својата агенда. Тој потенцира дека  целта што сака да се постигне не е само да се решаваат последиците туку и причините кои што водат до родово базираното насилство, а тоа вклучува отстранување  на стереотипите, зајакнување на жените во екононијата и достигнување на баланс меѓу  родовите.

„Мојата сопруга и јас имаме три ќерки и еден син. Според статистиките кој што ги слушнавме, според овие шокантни податоци, еден од нив ќе биде жртва на насилство. Тоа е нешто што не е прифатливо ниту за мене, ниту за вас, ниту за општеството, институциите, ниту за кого било овде. Сепак во 21 век, родовото базираното насилство се уште се случува и жално, трагично и шокантно е што останува непријавено и многу често неоткриено“, рече Худолин.

Во панел диксусијата учествуваше и сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска која нагласи дека справувањето со родово базираното насилство треба да биде секојдневна обврска и одговорност-жртвите да се охрабруваат да пријават, институциите  да овозможуваат беспрекорна заштита, а правосудните органи навремено да реагираат.

„Само затоа што не се гледаат лузните на жртвата, не значи дека не постои насилство. Често пати  е потребно да се охрабрат жртвите да го пријават насилството, бидејќи за жал се соочуваат со срам и страв и тоа ги става во една безизлезна ситуација. Исто така многу е важно жртвите да имаат лесно достапни информации за сервисите за поддршка,  неопходно е да знаат дека нема да се соочат со осудување, со стигма. Често пати не се осудуваат да преземат чекори, зашто не се сигурни дека можат да добијат непосредна помош, не се сигурни дека можат економски да опстанат. Ќе го поздравам процесот за операционализација на Законот за спречување и заштита од насилството при што се овозможува функционалност на услугите и механизмите кои ќе ја зајакнат поддршката за насилството врз жртвите“, рече Ѓоргиевска.

Постојаниот координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија Росана Дуџак порача дека во борбата против родово базираното насилство е важно да се вклучи целата заедница и ако сите си го завршат својот дел од обврските жртвата ќе ја добие поддршката и нема да биде стигматизирана.  

„Да се вкорени политика на нула толеранција за родово базирано насилство во секој сегмент од нашиот живот. Во овој процес е посебно важно да се следи принципот дека никој нема да биде изоставен, бидејќи тие што се изоставени се жртви на насилство, вклучувајќи го и родово базираното насилство. Да се создаде безбедна средина во која секој случај ќе биде пријавен и третиран со соодветна поддршка, не само од институциите туку и од  заедницата“, рече Дуџак.

Панел диксусијата се одржа во рамки на кампањата 16 дена активизам против насилството врз жени и девојчиња.