Скопје, 30 октомври 2023 година - Резултатите од заедничкиот проект „Миграциска политика, планирање и дискурс заснована на докази во Северна Македонија“ денеска во Скопје се презентираа пред претставници на Владата, на ООН, на националните институции, граѓанскиот сектор и академската заедница, вклучени во управувањето со миграцијата и собирањето податоци во државата. Целта на проектот е да се поддржат националните институции за подобрување на управувањето со демографската миграциска динамика во земјата.
“Ги славиме достигнувањата на заедничкиот проект и на најдобрите практики во спроведувањето на програмата, заеднички напор што ја нагласува клучната улога на миграцијата како детерминанта на демографијата, заедно со факторите како што се фертилитет и морталитет”, изјави Афродита Шаља, шефица на канцеларијата на Фондот на Обединетите нации во Северна Македонија, во воведните зборови на настанот.
Со проектот кој е поддржан од Повеќепартнерскиот доверителски фонд на Обединетите нации за миграција, а го имплементираа Меѓународната организација за миграции – ИОМ, Високиот Комесаријат на Обединетите нации за бегалци – УНХЦР и Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, под координација на Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, се дава поддршка на креаторите на политики и на претставниците на институциите да развиваат и имплементираат координирани миграциски политики базирани на докази и се унапредуваат интер и интра институционалните механизми за размена на податоци и за соработка меѓу клучните институции надлежни за управување со миграциите.
Проектот вклучува и активности за хуманизирање на општествениот наратив за мигрантите и за бегалците како актери кои придонесуваат за развој на општеството.
"Многу сум среќна дека силното партнерство помеѓу ОН, државните институции, граѓанското општество и академската заедница резултираше со нови и иновативни пристапи во развојот на миграциската политика во земјата", рече Росана Дуџак, Постојана координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија. "Оваа заедничка програма даде значаен придонес за напредокот на Северна Македонија кон остварувањето на целите за одржлив развој“ додаде таа.