Скопје, 15 декември 2022 - Презентација и дискусија за прелиминарни заклучоци од ревизијата на националната Стратегија за демографски политики 2015 -2024 година со поддршка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА денеска се одржа во Скопје.
Претставници од националните институции, предводени од Министерство за труд и социјална политика (МТСП) на Северна Македонија, дискутираа за целокупната досегашна и идна соработка во делот на справување со демографските трендови и предизвици а во координација со главните чинители на институциoнално и експертско ниво.
„Министерството за труд и социјална политика е носител и координатор на политиките поврзани со демографски развој. Имаме Стратегија за демографски развој која за прв пат е усвоена во 2008 година, но истата со техничка и експертска помош од канцеларијата во Скопје на УНФПА е ревидирана и подготвена е нова за период 2015-2024 година. Како институција до сега имаме реализирано бројни проекти со поддршка на вашата канцеларија во Скопје во рамки на регионалната стратегија на УНФПА за популациони политики,“ истакна Ресми Ејупи, државен секретар во МТСП.
Оваа работилница е основа за натамошниот процес на ревизија на стратегијата и подготовка на нова преку интегриран пристап кон демографскиот развој и јасно дефинирани надлежности.